Лавров предупреди на минувањето на џихадистите од Мосул во Сирија

0
231

Со стегањето на обрачот околу градот Мосул последното големо упориште на екстремната сунитска организација Исламска држава во Ирак, сириската армија обвини во вторникот дека коалицијата предводена од САД има план преку коридори на џихадистите од ирачката територија да им овозможи безбедно преминување на сириска територија, а шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров предупреди дека Москва ќе преземе воени дејства доколку исламистите се обидат да минат во Сирија.
Во врска со тоа се огласи рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој порача дека Москва ќе преземе воени мерки доколку борците на Исламската држава преминат од Мосул во Сирија. Рече дека Русија ја следи офанзивата на ирачките сили со воздушна поддршка на САД, истакнувајќи дека градот е опколен, но не во целост и оти не е јасно зошто е тоа така.

„И натаму ќе ја следиме ситуацијата и ќе донесеме и политички и воени одлуки, доколку во Сирија, каде се присутни и нашите воени единци на барање на легитимната влада, се појават дополнителни контингенти на Исламската држава“, предупреди Лавров, пренесе агенцијата ТАСС.

Шефот на руската дипломатија оцени дека операцијата на ирачките и курдските сили со поддршка на шиитските и локалните сунитски милиции нема да биде лесна, додавајќи дека за регионот ќе биде важно чии сили ќе го заземат Мосул,. Во Ирак се присутни и околу 5.000 американски, како што тврди Вашингтон – воени советници, а за кои Лавров вели дека се војници и дека „во секој случај, пет илјади ‘советници’ претставуваат голема сила“.

Борците на Исламската држава го напуштаат ирачки Мосул и пребегнуваат во сириска Рака, потврдил за либанската телевизија Al Mayadeen портпаролот на шиитската милиција Ал-Хашд ал-Шааби, Јусеф ал-Куљаби.

Претходно во вторникот повеќепати беше објавено дека од почетокот на операцијата за заземање на Мосул, џихадидистите ги префрлаат своите сили од својата ирачка во сириската „престолнина“. Во понеделникот имаше информации дека и самиот водач на Исламската држава, Абу Бакр ал-Багдади планира или веќе успеал да се префрли во сириска Рака.

„Борците на Даеш (арапската кратенка за Исламската држава) во текот на изминатите 48 часа го напуштаат Мосул, бидејќи таму за нив нема сигурни засолништа. Тие бегаат од сите области каде што се судираме со нив. Тие се упатуваат кон Рака, каде што им е посигурно“, изјави Куљаби.

Телевизијата Al Sumaria во меѓувреме објави дека на границата со Сирија бил уништен голем конвој од возила со кои се превезувале странски борци на Исламската држава. Според сознанијата на телевизијата тие го напуштиле Мосул по наредба на водачите на џихадистите да го напуштат градот и да се префрлат во Рака.

Покрај тоа, истата телевизија пренесува дека во понеделникот џихадистите масовно изнесуваат од банките и трезорите во Мосул големи суми пари. Тие средства, според непотврдени извори, екстремистите наводно исто така сакаат да ги префрлат во Рака.

Сириската армија соопшти претходно во вторникот дека САД и Саудиска Арабија осигуриле безбеден коридор за извлекување на борците на ултрарадикалната сунитска организација Исламска држава од Мосул и за нивно префрлување во соседната Сирија. Од почетокот на операциите на „братската ирачка армија“ во Мосул, од опколениот град излегле голем број терористички борци на Исламската држава, соопшти во вторникот Главната команда на сириските вооружени сили.

„Се разјасни планот на покровителите на меѓународниот тероризам, во чии први редови се САД и Саудиска Арабија, за осигурување безбеден премин и транзитни коридори за терористите на Даеш (арапска кратенка за Исламската држава – з.р.) кои бегаат од Мосул кон територијата на Сирија“, се истакнува во соопштението на сириската армија коешто го цитира службената новинска агенција SANA.

Според сириските генерали, целта на овој план е „да се обезбеди заштитата на терористите“, од една страна, и „зајакнување на терористичкото присуство“ во длабочината на сириската територија, и така да се засилат нападите врз сириските војски кај Деир-ез-Зор, Рака и Палмира. Тие предупредуваат дека сите обиди за премин на сириска територија од ирачка страна ќе бидат „спречени со сите средства кои стојат на располагање“.

Во Ирак се присутни и турски сили, а премиерот Бинали Јилдирим потврди дека турските воени авиони се приклучиле на операцијата за заземање на Мосул, давајќи им поддршка од воздух на ирачките сили и на курдските „пешмерги“ кои ги обучуваат во базата Башика, на ирачка територија.

Турција инсистира да учествува во операцијата за заземање на Мосул, иако е во вербална војна со централната влада на Ирак поради нејзиното воени присуство во северниот дел од ирачката територија. Анкара, пак, е загрижена поради ангажирањето на шиитските милиции во офанзивата

makfax.com.mk