Ле Пен се сретна со Путин во Москва

0
285

Рускиот претседател Владимир Путин денес во Кремљ се сретна со лидерката на крајно десничарската француска партија Национален фронт, Марин Ле Пен, давајќи ѝ на тој начин поттик на нејзината претседателска кампања.

Путин на француската политичарка ѝ кажа дека Москва има право да се сретнува со кој било политичар и дека таа го претставува „брзорастечкиот елемент во рамки на европските политички сили“.

„Нормално, знам дека изборната кампања во Франција е во тек. Не сакаме на никој начин да влијаеме врз неа. но си земаме право да разговараме со претставници на сите политички сили во таа земја“, кажа Путин.

Си-ен-ен пренесува и дека Путин ја истакнал „големата важност“ на врската меѓу Франција и Русија.

Средбата со Путин е поттик за Ле Пен и би можела да ѝ помогне да го подобри својот рејтинг во смисла на надворешната политика. Ле Пен го повтори своето противење на санкциите против Русија од Европската Унија поради агресијата во Украина и анексијата на Крим.

Француската политичарка ги нарече санкциите „неправедни и глупави“. Во разговорот со претседателот на долниот дом на рускиот парламент Вјачеслав Володин таа порача дека „секогаш се залагала за укинување на санкциите“ кои ги гледа како „контрапродуктивни“.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков на новинарите им кажа дека Путин и Ле Пен не разговарале за можноста Русија да ѝ понуди каква било политичка помош на нејзината партија.