Лекција за домаќинот и 19 европска титула за Русија

0
340

Холандија – Русија 0:3 (14:25, 20:25, 20:25)

Можеби се очекуваше поизнеднашено финале, но сепак Русија беше пресилна за младата и ментално неспремна за финале, Холандија. Во неверојатна атмосфера која ја направија 7700 гледачи во „Ахој арената“ во Ротердам, домашната селекција пред се на сервисот и блокот функцинираше беспрекорно и брзо се одлепи до 8:4 во првиот сет. Но по првиот технички тајм-аут, Кошелева со два напади со многу фантазија веднаш го сврте резултатот (9:10). Се разиграа Обмочаева и Кошалева и Русија осетно поведе на вториот прекин во сетот (12:16). Сетот веќе им побегна од раце на девојките на Гуидети, бидејќи Русинките без ни малку треперење го добија првиот период од играта со 14:25. Зариажко со 6 и Косианенко со 5 поени беа најефикасни во комплетно расположениот стартен тим на Русија. Ваквиот начин на загубен сет беше тежок удар за домаќинот и веќе се чувствуваше страв во гледалиштето. Кога „зборнаја“ поведе со 1:5 на почетокот од вториот сет, јасно беше дека актуелниот европски првак веќе е во незапирлив ритам. Гуидети се обидуваше со тајм-аути и замени да го поремити ритамот на притивникот, но веќе Русија имаше 2:8. Само благодарение на блокот „лалињата“ направија серија од 3:0 за минута одмор на Јури Маричев. Но сериозната игра на прием и во одбрана и во вториот сет не дозволи неизвесност. Русија со разноврсна игра го доби сетот со 20:25 и се доближи до златото. Косианенко со 6 поени доминираше и во вториот сет. Но третиот почна со одличен блок на домаќинките и при 3:0, Маричев побара тајм-аут. По 5:0, првиот поен во третиот сет за Русија го освои Обмочаева. Потпомогнати од домашната публика „портокаловите“ се одлепија до 12:7. Но моќта на оваа Русија е и во карактерот, па чекор по чекор, девојките во бело-сини дресови ја анулираа предноста на домаќинот до 14:14 на половина од третиот сет. Блокот на Кошелева целосно го „уби“ моралот на домашните одбојкарки и Гуидети побара тајм-аут при 15:18. Полека се назираше епилогот, кога при важните поени трепереа рацете на Холанѓанките, а Русија нижеше поен по поен. Лесно, дури и прелесно за едно финале, Русија го доби сетот со 20:25 и ја освои 19 европска титула во одбојка за жени. Косианенко и Зариажко со 18 и 15 поени беа најдобри поентери кај новите европски првенки. Перфектната машина на Јури Маричев одигра турнир без грешка и ја подигаше формата од меч во меч. Така по Италија и Србија, титулата се враќа во земјата која најчесто била европски првак во женска одбојка. Наредниот шампионат на стариот континент ќе се одржи во Грузија и Азербејџан во септември 2017 година.

Без коментари

LEAVE A REPLY