Лидерите на полноќ со нова средба

0
325

Последниве два дена завладеа молк од партиите, особено по фијаското при преговорите со Јоханес Хан во резиденцијата на ЕУ, а дополнитело и со пробивањето на рокот за избор на министри и заменици министри. Белгискиот експерт Питер Ванхојт одржувал билатерални средби на повеќе нивоа, интензивно се разговара со сите партии, а за вечерва на полноќ е закажана нова лидерска средба со цел да се приближат ставовите и да се одржи во живот договореното од Пржино.

Според првичните информации, средбата е закажана за полноќ бидејќи се чека на премиерот Никола Груевски да се врати од конгресот во Шпанија. Вечерва треба да одржи и говор на прославата за Денот на македонската револуционерна борба, а дури потоа да седне на заедничка преговарачка маса со СДСМ, ДУИ и ДПА – со Заев, Ахмети и Тачи. Потоа, наредново утро се очекува премиерот да замине во посета на Обединетите арапски емирати.

Преговарачките тимови си ги искористија шансите за ново одложување на реформите кои постапно треба да се завршуваат пред изборите во април 2016. Токму на ова потсети Ванхојт, кој без дипломатски ракавици потенцираше дека четирите партии треба сериозно да решат кој е патот кон кој треба да се движи Македонија.

Министри и заменици министри за преодна влада, Анкетна комисија за скандалот со прислушувањето, ДИК, проблеми со медиуми, ресурси и тим за специјалната обвинителка Катица Јанева… Листата на обврски што произлегуваат од Пржино е долга, а Ванхојт предупреди дека договорот комплетно може да пропадне ако не се случи нешто конкретно, ако не се договори некоја точка низ претстојниов викенд.