Лидерите се договорија – избори на 24 април

0
275

Лидерите на четирите политички партии постигнаа договор за излез од политичката криза што го соопшти еврокомесарот за проширување Јоханес Хан околу 1 часот полноќ. Тој не замина во Брисел се додека Груевски, Заев, Ахмети и Тачи не ги договорија главните точки за излез од кризата кои ќе резултираат со одржување на предвремени парламентарни избори на 24 април 2016 година.

Хан кој остана заедно со европратеникот Ричард Ховит пред новинарите кои го чекаа исходот на преговорите што започнаа од утринските часови па се до доцна во ноќта изјави дека е задоволен од постигнатиот догвоор.
“Овој ден, оваа ноќ е одлична за вашата земја. Широко ќе ги отвори вратите кон евроатлантските перспективи. Можете да бидете горди на вашите лидери кои ќе ве водат кон просперитетна иднина. Ова е совршен моментум за вашата земја. Меѓународната заедница ја препозна потребата за помош на земјата, за да ги направите потребните реформи. Токму ова беше договорено вечерва”, изјави Хан придружуван од партиските лидери.
Тој рече и дека во текот на вечерта имал телефонски разговор со американскиот помошник државен секретар Викторија Нуланд и ја информирал за разговорите.
Хан беше задоволен што може да соопшти дека Македонија со овој компромис ќе ја задржи препораката за почнување пристапни преговори со ЕУ, но и дека треба да им помогне на некои земји членки кои имаа отпор и го блокираа отворањето на преговорите, да се убедат да ја отворат вратата за европската перспектива на земјата.
Потврда за резултатот од долгите и напорни преговори на лидерската четворка даде и европратеникот Ричард Ховит кој остана до крај на средбата, а претходно присуствуваа и европратениците Иво Вајгл и Едвард Кукан, но тие заминаа порано.
По завршувањето на средбата во Прижино посебни прес конференции одржаа премиерот Никола Груевски и лидерот на СДСМ Зоран Заев, кои ги кажаа деталите на договорот и ги протолкуваа секој за себе како голем успех.
Груевски рече дека политичката криза е завршена и е задоволен затоа што опозицијата не успеала во намерата да пропадне предлогот за избори во април. Тој не спомена дека ќе поднесе оставка, но рече дека е договорено техничка влада да се формира три месеци пред изборите, но дека тоа е системско решение кое ќе важи и пред сите следни избори.
Премиерот на техничката Влада ќе го предлага ВМРО-ДПМНЕ. До 15 септември ќе се избере и нов специјален обвинител кој треба да ги истражи систе злоупотреби откриени си прислушуваните разговори. Лидерот на СДСМ Зоран Заев исто така искажа големо задоволство затоа што, според него, СДСМ ја пстигна целта со проектот „Вистината за Македонија” и Груевски ќе поднесе оставка во декември.
Новата преодна влада треба да се формира на 15 јануари, а во неа СДСМ ќе има министер за внатрешни работи и заменици министри со право на вето во министерствата за финансии, земјоделство и труд и социјална политика.
Опозицијата ќе се врати во Парламентот на 15 септември. Работни групи на двете партии треба допрва да утврдат кој ќе раководи со други значајни институции како Управата за јавни приходи, Бирото за јавна безбедност, МРТВ и други. Заев на прес конферецнијата што ја одржа утрово околу 4 часот соопшти дека на преговорите воопшто не станало збор преодната влада да го решава спорот со името.