Лошо и се „пишува“ на светската економија

0
364

Кинескиот претседател Кси Џинпинг го отвори во неделата попладнето самитот на челниците на земјите од групата Г20, предупредувајќи на лошата состојба во светската економија на којашто ѝ се закануваат протекциоизам и раст на несразмерноста меѓу туѓиот и сопствениот капитал, пренесуваат агенциите и забележуваат дека експертите токму на Кина ѝ забележуваат за нејзината затвореност и дека таа мора да стори повеќе за отворање на својата економија.

Дваесетте земји, чии челници се присутни на самитот во Кина претставуваат околу 85 отсто од светското богатство и две третини од населението на планетата.

Самитот Г20, како што се оценува во извештаите на агенциите, доаѓа во неповолен момент, по неочекуваното гласање во Велика Британија да се напушти Европската унија, американските претседателски избори на почетокот од ноември, а консултираните аналитичари очекуваат од највлијателните светски челници посилно да застанат во одбрана на слободната трговија и глобализацијата, истовремено предупредувајќи на опасноста од изолационизам.

„Глобалната економија се наоѓа на клучната раскрсница. Придвижувачите на растот од претходната рунда на технолошкиот напредок полега го губат чекорот и новата рунда на технолошка и индустриска револуција допрва треба да доживеа подем“, изјави кинескиот претседател Кси Џинпинг и притоа предупреди на послабата побарувачка, нестабилноста на финансиските пазари и скромната трговија и недоволните вложувања. Самитот на Г20 претставува можност да се стави акцентот на важноста од краткорочните и долгорочните политики, смета Кси.

Иако Кина го осудува протекционизмот, многу набљудувачи очекуваат дека другите челници ќе извршат притисок врз Пекинг да се придржува до меѓународните трговски правила, во прв ред да го заузди прекумерното производство на челик кој поради тоа се продава под пазарните цени. Кинеските челници можеби силно ја заговараат слободната трговија, но премногу учесници на самитот на Г20 знаат дека токму протекционизмот им го попречува на нивните компании пристапот на големиот кинески пазар, се истакнува во оцените на аналитичарите.

На самитот во Хангжу, се и американскиот претседател Барак Обама, рускиот Владимир Путин, јапонскиот премиер Шинзо Абе, германската канцеларка Ангела Меркел, новата британска премиерка Тереза Меј, индискиот премиер Нарендра Моди, како и претседателите на Франција и на Турција, Франсоа Оланд односно Реџеп Тајип Ердоган.

Кинескиот претседател се ракуваше со секој учесник на самитот, а во медиумските извештаи се истакнува како куриозитет кога претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јунекр го бакнал во двата образа, што во Кина е извонредно редок и невообичаен гест. Се одбележува, исто така, дека Кси долго се поздравувал со Меркел.

Агенцијата DPA пренесува дека сите земји од Г20, според нацрт заедничката изјавакојашто всушност ќе ја усогласуваат во неделата и понеделникот, ќе треба да го ратификуваат Парискиот договор за климатските промени, следејќи го примерот од саботата на Кина и на САД.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун, во неделата непосредно пред официјалното отворање на самитот го поздрави „историскиот чекор“ на Пекинг и Вашингтон кои официјално му се приклучија на Парискиот климатски договор, истакнувајќи де станува збор за двајцата најголеми светски загадувачи на природната околина.

Бан ги повика и другите земји да го следат примерот на САД и Кина и да го ратификуваат овој договор кој може да стапи на сила само доколку го усвојат 55 држави кои се одговорни за 55 отсто од глобалната емисија на штетните гасови. САД и Кина, пак, заедно емитуваат речиси 40 отсто од гасовите кои го предизвикуваат ефектот на стаклената градина и придонесуваа за загревање на планетата.

Пред Кина и САД, 24 земји го ратификуваа договорот, а меѓу нив и Северна Кореја, но на сите нив заедно отпаѓа само 1,8 отсто од вкупната емисија на стакленичките гасови, според податоците од Рамковната конвенција на ОН за климатските промени.

Кина е одговорна за повеќе од 20 отсто од вкупната емисија, додека САД покриваат уште 17,9 отсто. Русија, пак, е одговорна за 7,5 отсто а Индија за 4,1 отсто од глобалната емисија на стакленичките гасови.

Договорот ќе стапи на сила 30 дена откако ќе го ратификуваат 55-те земји одговрони за повеќе од половината на емисијата на штетните гасови. Земјите кои го ратификуваа договорот ќе мораат да чекаат три години откако тој ќе стапи на сила пред да можат да го започнат процесот на повлекување од него, според договорот потпишан во Париз./крај/мф/сн