Љубојна го отвора Фестивалот на музика од светот

0
816

Центарот за култура од Битола најави дека е подготвен за деветтото издание на фестивалот, еден од најпосакуваните и најпосетувани музички манифестации во градот во текот на годината. Љубојнаи специјалниот гостин Џамбо Агушев, oваа година го отвораат Фестивалот на музика од светот.
Љубојна е препознатлива како една од најинвентивните регионални состави која ги спојува елементите на поп, соул, денс, џез , рок и ориентална музика, создавајки единствена музичка формула која на секој албум се користи на поинаков начин. Неодамна го промовираа албумот сниман на винил , извонредно насловен како „Радио Љубојна“, кој е  верна слика за она каде се движи звукот, но и амбициите на овој бенд.
Музиката на Љубојна се опишува како експлозија на креативноста и комбинација на теми од традиционалната македонска музика. Одлична комбинација за фестивалот на музика од светот.
Изминатите 15 години Љубојна допринесе и за музиката на различни филмски, балетски и театарски проекти, создавајки импресивно наследство од 9 студиски албуми. Бендот настапи насекаде низ светот и ја освои публиката од сцените на Њујорк, Торонто, Рим, Истанбул, Москва, Пекинг.

Љубојна е состав со огромно музичко знаење, но и знаење кое е исклучиво посветено и е во функција на големата љубов кон музиката, која доаѓа од претходните векови од просторот од кој потекнува групата. Музичките корени во овој случај не се изоставаат, туку напротив со големо внимание и посветеност, се пресадуваат на многу побогата подлога од која се добива нов живот кој резултира со нова музичка енергија .