„Љубојна“ ќе ги забавува прилепчани за Нова година

0
925

Настап на „Љубојна“ и хип-хопери, нуди новогодишната програма за оние кои ќе одлучат Новата година да ја дочекаат на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“ во Прилеп.

Општина Прилеп годинава подготви програма за заеднички дочек на Новата 2016 на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“, која ќе им се допадне на поголемиот број на граѓани и ќе ги измами да излезат и да се забавуваат во оваа најдолга ноќ, сметаат организаторите.

За најмладите, децата од градинките и предшколска возраст на Камената бина ќе има специјална програма со многу музика и песнички, кои сами ќе ги изведат, а секако ќе ги посети и Дедо Мраз. Оваа детска забава започнува во 11 часот.

Новогодишната програма за оние малку поголемите почнува точно на пладне со локалните ѕвезди ACES UNFOLD (Ејсис анфолд) и Станица 048, а во дневниот дел ќе настапат и специјалните гости: скопскиот реге, ска состав БРУКА БЕНД.

Главни ѕвезди на самата новогодишна ноќ е најпопуларниот македонски бенд во 2015 – Љубојна & Brass Fantasy!

Музика која ја прифатија и младите и старите, која во исто време е и традиционална и модерна. Љубојна доаѓа во полн состав, така да спремете се за вистинско уживање. По полноќ, односно 2016 ќе започне хип-хоп журката во ритамот на Митко Пикисипи од САФ, односно Диџеј Димитри from Чаир кој е еден од основачите на македонскиот хип хоп, познат во светската, регионалната и домашната музичка сцена, за прв пат пред прилепската публика.