Лукашенко повторно избран за претседател на Белорусија

0
247

Актуелниот претседател на Белорусија Александар Лукашенко е победник на денешните претседателски избори во таа земја, со 82,9 отсто освоени гласови.

Ова го покажуваат првичните резултати од гласањето, објавени од Институтот за социологија на Академијата на науки на Белорусија, додека според Одборот на организации на младите, за него гласале 84,1 отсто од граѓаните, пренесува Тасс.

На повеќе од 6.000 гласачки места, колку што утринава биле отворени во Белорусија, речиси седум милиони гласачи го бираа идниот шеф на државата меѓу четири кандидати, а актуелниот претседател Лукашенко се бореше за петти мандат.

Според Централната изборна комисија, кандидати за претседател, покрај Лукашенко, кој Белорусија ја предводи 21 година, биле лидерот на Либерално-демократската партија Сергеј Гајдукевич, лидерот на Белоруската патриотска партија и врховен атаман на белоруските козаци Николај Улахович, и активистката на кампањата „Зборувај ја вистината“ Татјана Короткевич.

Старо-новиот претседател на Белорусија за шеф на државата беше избиран на изборите во 1994, 2001, 2006 и 2010 година.

Последните избори ги доби, според официјалните податоци, со 79,65 отсто од гласовите, но резултатите не ги признаа противничките кандидати, како ни САД и ЕУ.