Македонец во Австралија со пари за добротворни цели купувал цигари и алкохол

0
2238

На Македонецот Борис Трајков (76), поранешен новинар во македонската редакција на австралиското државно радио за националностите „Си-би-ес“, му се суди и ќе мора да враќа околу милион австралиски долари.

Тој е  под обвинение дека проневерувал пари, јави австралиската државна телевизија „Еј-би-си“.

Трајков, кој во 1991 година го добил одликувањето Редот на Австралија за неговата работа за македонската заедница во Австралија, се товари дека потрошил 300.000 долари на алкохол, долна облека и на други потреби. Парите му се давани за добротворни цели или како надомест за грижа за децата во детска градинка што ја раководел.

Трајков е еден од основачите на Викториската мултиетничка славјанска добротворна асоцијација (Victorian Multiethnic Slavic Welfare Association), која им помагала на остарените мигранти од просторите на поранешна Југославија. Асоцијацијата раководела и детска градинка во мелбурнското предградие Лелор. Родителите му плаќале месечен надомест на Трајков во кеш.

Во Обласниот суд каде се одвива процесот за стечајната постапка, биле изнесени и тврдењата дека од 2013 до 2016 година Трајков примил 1,5 милиони долари во готово од родителите на згрижените деца, а на банковата сметка на асоцијацијата во тој период се уплатени само 56.000 долари.

Утврдено е дека со парите купувал цигари и алкохол, а вработените во градинката не добивале плата.

Во трите години за кои се врши истрага, Трајков купил алкохол вреден 44.890 долари за ресторанот на неговата ќерка во населбата Престон.

Во истиот период потрошил повеќе од 150.000 долари од фондовите на асоцијацијата за дизајнерска облека, долна облека и за накит, а потрошил 45.000 долари за летови меѓу Мелбурн и Сиднеј и за хотелско сместување. Трајков исто така префрлил 190.000 долари на сметката на неговата сопруга Слободанка.

Тој пред судот тврдел дека подоцна од свој џеб ги покрил сите трошоци за неговите приватни потреби.