Македонија го празнува 11 Октомври

0
202

Македонија денеска одбележува 76 години од почетокот на антифашистичкото востание и народноослободителната војна. Востанието почна на 11 октомври 1941 година со нападот на Првиот прилепски партизански одред врз бугарскиот полициски участок, а следниот ден, на 12 октомври, оружјето го кренаа и партизаните од Кумановскиот одред.

Со тоа Македонија се приклучи на антифашистичката коалиција, а по четиригодишната Светска војна, со одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, го реализираше и повеќевековниот сон за основање македонска држава.

Празникот ќе биде одбележан со повеќе настани организирани од Собранието, Владата, Сојузот на борците и од општините Прилеп и Куманово.

Централниот настан, во организација на Владата на Република Македонија, во соработка со Сојузот на борците на Република Македонија, ќе се одржи во дворот на владата, пред споменикот на ослободителите на град Скопје, на 11-ти октомври, во среда, во 10:45 часот.

Венци со свежо цвеќе пред споменикот ќе положат делегации на Сојузот на борците на Република Македонија предводена од др. Никола Стојановски, на Владата на РМ, предводена од Претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев, делегација на АРМ предводена од заменик началник на Генералштаб, генерал-мајор, Мухамет Рацај, и други делегации на државните институции и дипломатскиот кор.

После свеченото положување на свежо цвеќе, предвидени се кратки обраќања на предводниците на делегациите на Сојузот на борци, Владата и АРМ Генералштабот на Република Македонија, и краток коктел. На настанот ќе има и изведба од воениот оркестар на АРМ.

Во текот на денот, владина делегација ќе присуствува и на свеченото доделување државната награда ,,11 Октомври“ за највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на Република Македонија, кое ќе се одржи во Собранието на Република Македонија.

Соодветна програма и активности по повод празникот 11 Октомври е предвидено да се одржат и во Прилеп и Куманово, во организација на Владата на Република Македонија, Oпштина Прилеп и Oпштина Куманово.

Со почеток во 9:30 часот, владина делегација предводена од министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, ќе положи венци свежо цвеќе пред спомениците на Методија Андонов Ченто и Кузман Јосифовски Питу, како и на спомен обележјето Могила на непобедените.

Свежо цвеќе на овие спомен обележја во Прилеп ќе положи и делегација на АРМ и на министерството за одбрана предводена од Заменичка претседателка на Владата на РМ и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска.

Покрај свеченото положување свежо цвеќе, Општина Прилеп организира изложба на рачни изработки „Килимијада“ на плоштадот на Градскиот саат и „Tuning Car Show“ на булевар Гоце Делчев.

Во Куманово, во 11:30 часот, со положување свежо цвеќе во Спомен костурницата во овој град, празникот Ден на народното востание – 11 Октомври, ќе го одбележи владина делегација предводена од Заменик претседателот на Владата на РМ и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Покрај положувањето свежо цвеќе, во организација на Општина Куманово предвидено е кратко обраќање на градоначалникот на Општина Куманово, г. Зоран Дамјановски, изведба на химната на Република Македонија од страна на градска музика „Илинден“, Куманово, и кратка пригодна музичка програма во изведба на учениците од СОУ – Гимназија „Гоце Делчев” – Куманово.

Без коментари