Македонија го празнува Денот на востанието

0
781

Ден на востанието на Македонија или Ден на народното востание на македонскиот народ познат и само како 11 Октомври — државен празник кој се празнува на 11 октомври во Македонија. Востанието е против фашизмот и со тоа започнува борбата за ослободување на македонскиот народ. Тоа е важен меѓник во борбата за самобитност и самостојност на македонскиот народ. Со својата вооружена борба, Македонија не станала квислиншка територија, туку, напротив, жешко подрачје за окупаторот и дала свој придонес во победата над фашизмот во Втората светска војна.

По фашистичката агресија и окупацијата на Југославија во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат помеѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор.

И пред 11 октомври 1941 година доаѓа до вооружен отпор против окупаторот. Така, на 8 септември Лазо Колевски убива бугарски стражар кај Богомилскиот тунел, истиот ден во Скопје Боро Петрушевски убива бугарски војник, на 7 октомври во Скопје е извршен обид за убиство на агентот Мане Мачков, во кој загинува Благоја Деспотовски – Шовељ, а на 8 октомври Трајко Бошкоски – Тарцан, пробивајќи се низ непријателскиот обрач во Прилеп, убива еден непријателски полицаец.

Сепак, за почеток на востанието против фашизмот во Македонија се смета нападот кој Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев“ го извршува во Прилеп на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествуваат 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата има задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталацијa.

Помеѓу партизаните немало загинати, а бил убиен еден стражар од участокот во Прилеп од Душко Наумоски. Татко му на Наумоски бил пријател на стражарот Петар Колев, кој бил местен човек од Смилево, мобилизиран. Душко го искористил ова па се приближил и го убил.

Поради самиот факт дека се работи за голем настан од Македонската историја, низ државата се организираат разни свечености и прослави. Традиционално се одржуваат свечени концерти. Повеќе делегации од Македонското Собрание положуваат цвеќе на гробот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, во Паркот на Револуцијата во Прилеп, како и на Спомен-костурницата на паднатите борци од народноослободителната борба во Куманово. Во Прилеп секоја вечер спроти празникот се одржува традиционалниот импровизиран напад на градот како потсетување на историските настани од предвечерјето на 11 октомври 1941 година. Во Прилеп постои и Меморијален музеј „11 октомври“ во кои се изложени неколку стотици фотографии и значајни документи од народно-ослободителната борба. Прилепскиот градски оркестар организира маршрута од центарот на градот кон Могилата на непобедените. Каде покрај движечкиот оркестар се организира и спектакуларен огномет.

 

Празникот се прославува не само во Република Македонија, туку и во целиот свет каде што живеат Македонци. Традиционална прослава има секоја година во главниот град на Велика Британија, Лондон. Македонските друштва од Германија секоја година организираат прослави со богата културно-уметничка програма, каде настапуваат повеќе естрадни ѕвезди од Македонија.