Македонија и денес во портокалова фаза, со температури до 41 степени

0
260

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло, попладне со мала до умерена облачност, локално  во планинските делови ќе има услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер, што ќе услови благо намалување на температурата во северните делови. Минималната температура ќе се движи од 14 до 21, а дневната највисока температура на воздухот ќе се движи во интервалот од 34 до 41 степен.

До четврток подрачјето на Македонија ќе биде под влијание на претежно стабилна и многу топла воздушна маса, што ќе овозможи продолжување на периодот на претежно сончево и многу топло време. Од утре  во попладневните часови ќе има локално зголемување на облачноста и услови за изолирана појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Во поголем дел од земјава максималната температура ќе достигнува над 35, а на места вдолж Повардарието ќе надминува 40 степени. Најтопло се очекува да биде за време на викендов. УВ индексот и понатаму ќе биде многу висок со вредност 9.Промена на временската состојба се очекува од петок со благо опаѓање на температурата, кое ќе продолжи и во сабота и недела.

Земјава, според најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи и денеска ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза. Министерството за здравство препорачува од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 годишна возраст, додека сите останати лица при појава на каков било здравствен проблем веднаш да се јават кај својот матичен лекар.

На работодавците им се препорачува да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и обезбедување одмор под сенка и доволно течности на секои два часа.

Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а особено се препорачува на установите за згрижување на децата (детски градинки) да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во истиот период.

„За граѓаните од целата држава потсетуваме дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности и хигиенски начин на подготовка на храната. На хронично болните лица им се препорачува редовно земање на препишаната терапија, а при појава на каов било здравствен проблем да го контактираат својот матичен лекар. Поради повисоките температури кои се најавуваат за следните денови напоменуваме дека е потребен повисок степен на внимание при подготовка и консумирање на храната“, се вели во препораките.

Без коментари