Македонија ја заслужува евроатлантската интеграција повеќе од сите други

0
324

Македонија ја заслужува евроинтеграцијата во Унијата и НАТО повеќе од сите други земји кандидатки од регионот, изјави министерот за надворешни работи на Турција Мевљут Чавушоглу по денешната средба со неговиот македонски колега Никола Димитров.

„Турција ја поддржува Македонија во секое поле, не само на меѓународен план, и така ќе биде и во наредниот период. Вие ја заслужувате евроинтеграцијата повеќе од исте други кандидатки. Со вештачки наметнатото прашање за името, сметаме дека на Македонија и се нанесува голема неправда, изјави Чавушоглу.

Тој изјави дека Турција најсилно го поддржува и членството на Македонија во НАТО, бидејќи како што рече стабилноста на регионот е најважно прашање. Тој повтори дека Турција ја признава Македонија под уставното име и додаде дека ќе го поддржат секое решение кое ќе биде заеднички прифатливо за двете страни.

Турскиот министер ги пофали билатералните односи со Македонија како и економската соработка меѓу двете земји укажувајжи на добрата трговска размена и турските инвестиии во земјава.

Министерот Димитров изрази задоволство од разговорите и од средбата која се совпаѓа со 25 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Турција. Во однос на зачленување во НАТО под привремената референца Димитров рече:

„Ние имаме времена спогодба од 1995 година,како и пресуда на меѓународниот суд во Хаг од 2011 година, па според тоа таа не би требало да има проблем за да добие покана за членство во НАТО под привремената референца БЈРМ. Јас ќе се обидам ги убедам дека тоа е и во интерес на Грција и ќе се обидам кон правните аргументи да ги додадам и политичките. Сметам дека нашето членство во НАТО ќе има убаво влијание врз стабилноста на регионот, изјави Димитров.

Претходно Чавушоглу се сретна и со македонскиот претседател Ѓорги Иванов.

“Македонскиот претседател и министерот Чавушоглу разменија мислења и информации за состојбите во регионот, за прашањата од надворешно политички интерес за двете земји, и за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија и Република Турција. Во таа насока, претседателот Иванов ја истакна потребата од размена на информации меѓу полициските служби и службите за разузнавање, преземање на заеднички акции, како и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам”, се наведува во писмената реакција од кабинетот на Иванов.

Чавушоглу оствари средба и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на која присуствувал и членот на Извршниот комитет, Никола Тодоров. Како што соопшти партијата, на средбата се разговарало за взаемните односи меѓу државите, стратешките интереси на Република Македонија поврзани со евроатланските интеграции и актуелната политичка состојба.