Македонија ќе ја зголеми безбедноста на границите

0
293

Денеска владината група за процена од Управувачкиот комитет, на која беше разгледана безбедносната состојба во регионот и во Република Македонија, по последните случувања во Република Турција, одлучи дека засега безбедносната состојба во Република Македонија е стабилна.

„На седницата беше разгледана и состојбата во врска со мигрантите, за што беше избрифиран и раководителот на Управувачкиот Комитет за координација и управување со кризи. Беше оценето во наредниот период да се зајакне граничното обезбедување и контрола со дополнителни воени и полициски сили, со цел спречување на илегална миграција и криумчарење со мигранти“ се вели во известувањето.

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, со особено внимание ги следи настаните и развојот на состојбите во пријателска Република Турција, се вели во соопштението што стигна од Кабинетот на претседатот.

Од таму информараат дека Иванов е во постојан контакт со сите безбедносни институции во Република Македонија, со Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за надворешни работи и со Армијата на Република Македонија.

„Претседателот на Република Македонија и раководителот на кризниот менаџмент постојано се информирани од субјектите кои се задолжени да се справат и да ги превенираат заканите и ризиците. Кризниот менаџмент на Република Македонија ги следи состојбите во сите држави од регионот кои се соочуваат со безбедносни закани и мигрантската и бегалска криза“, соопштуваат од Кабинетот.

„Република Македонија ja поддржува демократски избраната влада на Република Турција. Република Турција како земја членка на НАТО и како исклучително значајна држава во соочувањето со глобалните предизвици e голем пријател и стратешки партнер на Република Македонија. Претседателот Иванов го поддржува нормализирањето на состојбите во Република Турцијa и повикува на почитување на демократските институции и избегнување на секаков вид на насилство и крвопролевање. Претседателот Иванов смета дека мирот и стабилноста е од клучно значење за секоја од државите во регионот, и во овие моменти е потребна разумност и смиреност.‎ Македонскиот претседател порачува дека политичките цели треба да се постигнуваат единствено со дијалог и во согласност со волјата на граѓаните на избори“, стои во соопштението од кабинетот на Иванов.