Македонија на 66-то место според индексот за корупција

0
380

Во најновиот извештај на „Транспаренси интернешнал“, Македонија е рангирана на 66-то место според индексот на перцепција на корупцијата меѓу 167 земји во светот.

Македонија и оваа година, е рангирана врз основа на шест истражувања, кои биле објавени до крајот на 2015-та година, при тоа користени се исти извори како и во последните две години.

Имено за потсетување Македонија изминатите две години имаше мал напредок во однос на Индексот на перцепцијата на корупцијата така што во 2013-та година беше рангирана на 67-мо место додека во 2014-та на 64-то место.

Индексот е базиран врз нивото на корупцијата во јавниот сектор. Најкорумпирани во светот се Сомалија и Северна Кореја, додека на врвот на списокот се Данска и Финска.

Од земјите во регионот Словенија е на 35­то место, Хрватска на 50­то, Грција на 58-мо, Црна Гора на 61-во, Турција на 66-то, Бугарија на 69-то, Србија на 71-во, БиХ на 76-то, Албанија на 88-мо, а Косово на 103­то место.

Според извештајот, Данска, втора година по ред, е на првото место како држава каде има најмала корупција – со оценка 91 од максимални 100. Сомалија и Северна Кореја се на дното од листата со оценка осум.

САД и Велика Британија се со најдобра оценка во историјата на таквите анализи.  САД се на 16-то место со оценка 76, а Велика Британија е на 10-то место со 81 индексни поени.

На првите десет места се Финска (90), Шведска (89), Нов Зеланд (88), Холандија (87), Норвешка (87), Швајцарија (86), Сингапур (85) и Канада (83 индексни поени).

Русија е на 119-то место, а следат Азербејџан, Гвајана и Сиера Леоне. Сите тие држави имаат по 27 индексни поени.

Индексот на перцепцијата на корпцијата е всушност составен врз основа на резултатите од други релевантни истражувања кои биле објавени во последниве 24 месеци. При тоа, основен услов одредена територија/држава да биде рангирана е да биде опфатена со најмалку три иницијални истражувања од вкупно 12 можни. Сите тие истражувања ја мерат перцепцијата за корумпираноста на јавниот сектор и претставуваат мислење на експерти, претставници од институции и деловни лица, најчесто од странство. Секој од овие извори се оценува врз основа на веќе утврдени критериуми од страна на „ТИ“.

„Транспаренси интернешнал“ наведува дека луѓето во светот бараат од владите да бидат потранспарентни и да прават повеќе во справувањето со корупцијата која го спречува развојот на многу земји.