Македонија позајми 450 милиони евра со камата од 5,6 проценти

0
608

Македонија се задолжи со 450 милиони евра на меѓународниот пазар на капитал, откако завчера вечер ја издаде петтата по ред еврообврзница, овој пат со камата од 5,625 отсто и со рок на доспевање седум години. Иако износот е за 200 милиони евра помал од максималниот кој беше предвиден во владината одлука од почетокот на овој месец, и вчера продолжија жестоки обвинувања на релација опозиција – власт и обратно, од една страна за (не)законитоста на постапката, а од друга за попречувањата во издавањето кои влијаеле да се зголеми каматата. Економистите, пак, акцентот го ставаат врз потребата од поголема транспарентност за трошење на парите. Еврообврзницата беше издадена во вториот обид, откако минатата недела беше одложена поради забелешките од страна на опозицијата, која со писмо реагираше до потенцијалните инвеститори.