Македонија спремна да го смени своето име за да го заврши 24-годишниот спор

0
452

Македонскиот премиер вели дека е спремен за промена на името на својата земја, со што ја зголеми надежта дека ќе ѝ се стави крај на една од најневообичаените дипломатски расправии во светот – 24-годишниот јазичен спор со Грција, вели весникот.

„По нејзиното основање во 1991 година, кога прогласи независност од Југославија, земјата официјално се нарече Република Македонија – предизвикувајќи бес кај многу Грци, кои чувствуваат дека нивните северни соседи го украле името од истоимената грчка провинција веднаш под македонско-грчката граница.

Сега македонскиот премиер, Никола Груевски, вели дека е спремен повторно да почне дијалог за прашањето со Грција – и дека за секоја потенцијална промена на името би се одржал референдум во Македонија. „Ние сме подготвени да разговараме, да почнеме дијалог со нив, и да се најде некакво решение“, рекол Груевски во интервју за Гардијан.

По неколкуте години непопустливост на двете страни, лидерот на Македонија сега навести дека можеби е спремен да ѝ попушти на Грција, вели Гардијан.

„Ние би сакале што е можно побрзо да покренеме дијалог со Грција за наоѓање решение, а ако најдеме решение, треба да им се обратиме на граѓаните и да организираме референдум“, рекол Груевски. „Преку дијалогот ние мора да најдеме некакво решение, и потоа да ги прашаме граѓаните: дали ова е во ред или не?“, рекол тој.

На двете страни, вели Гардијан, има и други сигнали дека долготрајниот спор може да се реши.

Во пресрет на посетата на Атина во четвртокот, македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, изрази оптимизам кога за водечкиот грчки дневен весник, Катимерини, рече дека „условите се повеќе од зрели“ за да се реши спорот за името.

Посетата, прва по 15 години, укажува дека бидејќи Грција економски е на колена, а двете земји се во виорот на бегалската криза во Европа, овие два балкански соседи конечно ја поставуваат основата за компромис, вели весникот.

„Мерките за градење доверба помогнаа односите да се подобрат. Прекинувајќи го 11-годишното ембарго со посета на Скопје, во јуни грчкиот министер за надворешни работи Никос Коцијас рече: ‘Ние сакаме сите наши соседи да бидат членки на Европската Унија… затоа што нашата земја во голем степен зависи од она што се случува на Балканот во целина.’

И некои истакнати членови на левичарската влада на Алексис Ципрас веќе долго време навестуваат дека би сакале да се реши овој проблем, за кој тие го обвинуваат исклучиво десничарскиот национализам.

Стравовите на Атина од територијална агресија против северната грчка провинција Македонија – поттикнати од тоа што Грција сметаше дека малата република бара ексклузивитет на името – со текот на времето избледеа.

Откако беше категорична дека ниедно име не може да го содржи зборот Македонија, Атина во 2007 година објави дека ќе се согласи и за некое сложено име што би го содржело зборот. Државичката продолжи да инсистира да биде препознавана како Република Македонија.

‘Преминавме уште дел од патот’, изјави висок извор од грчкото министерство за надворешни работи. ‘Ние предложивме сложено име со географски квалификации за севкупна употреба.’

Прашањето за името ќе доминира и на разговорите в четврток, но напредокот не се очекува веднаш. Но посетата на Попоски – и потребата за решавање некои други, поитни прашања – можеби е предвесник на почетокот на крајот на еден од најексцентричните дипломатски спорови во светот“, заклучува британскиот весник.