Македонија збркана, грците се насладуваа до +20

0
856

Македонија – Грција 65:85 (16:23,15:15, 19:21,15:26)

Според очекувањата и предвидувањата на стручњаците, Македонија загуби на стартот на Евробаскетот од поквалитетната селекција на Грција (65:85). Македонија одлично го почна мечот и поведе со 7:1 по 150 секунди за брз тајм-аут на Кацикарис. Но само за една и пол минута, Калатес и Принтезис направија серија 7:0 за прво грчко водство (7:8). Нашиот јужен сосед влезе во ритам и Принтезис погоди за 9:14 со дополнително слободно фрлање и Србиновски побара тајм-аут во 6 минута. Антетукумбо со забивање ја донесе првата двоцифрена предност за грците (9:19). Со тројката на Дамјан Стојановски со звукот на сирената, малку го поправивме впечатокот за 16:23 по првиот период. Следеше период на обострани грешки, па со тројките на Костовски (две тројки) и В. Стојановски се приближивме на 25:26 во 15 минута. Но играчите од грчката клупа, пред сите Костас Слукас, пак не оддалечуваат од противникот (28:36). Со -7 отидовме на големиот одмор, со повеќе загриженост од оптимизам. Принтезис ни создаваше најмногу проблеми и со 4 неодговорени поени во 25 минута на Грција и донесе 41:51. Но и грците не делуваа доволно убедливи да го зададат завршниот удар и Ѓуровски и Самарџиски не вратија до 49:55 во 29 минута. Но и нашите најмали надежи ги срушија плавите со почетните 2-3 минути од последниот период. Слукас погоди тројка, а Куфос од под обрачот за највисоки 52:66. Војдан Стојановски со 4 последователни поени стана втор наш двоцифрен кошаркар по Костовски и не доближи до -10. Сепак поквалитетната грчка репрезентација без проблем го приведе мечот кон крај за финална победа од 65:85. Во грчката реперзентација најефикасен беше Принтезис со 18 поени, а кај нас Костовски „блесна„ со 21 поени. Утре од 15:00 часот, Македонија во второто коло игра со Холандија.