Македонската Влада не била инволвирана во разузнавањето

0
336

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Србија, Никола Димитров и Ивица Дачиќ денеска во Ниш разговараа за последните случувања на релација Белград – Скопје.

Министрите, како што соопштија на прес-конференцијата, детално ги разгледале доказите, по кои Белград го повлече персоналот на српската амбасада од Скопје и заклучиле, дека во таквите активности не е вклучена македонската влада.

Шефот на српската дипломатија истакна дека информациите за разузнавачките активности не се однесуваат на македонската Влада, туку на безбедносниот сектор, кој тоа го правел заедно со една странска држава. Дачиќ, сепак не сакаше да прецизира за која држава станува збор.

Димитров истакна дека областа на разузнавањето е деликатна и поради тоа не сакаат да шпекулираат за да не нанесат поголема штета.

„Допрва треба да се работи на разјаснување на тие информации. Ме радува ако испадне дека информациите се точни дека не е инволвирана македонската влада. Затоа особено е важно овие информации детално да се испитаат“ рече Димитров.

Тој истакна дека на тензиите кои настанале изминатите денови може да се гледа како шанса за подобрување на односите меѓу двете земји.

Република Србија, рече тој, сака да воспостави и понатаму да одржи пријателски односи со Република Македонија и не сака да биде вовлечена во некакви игри. Додаде дека Србија не ја променила одлуката по однос на името на Македонија.

„Сакам да пренесам до македонскиот народ дека од север, од Република Србија не му се заканува никаква опасност. Република Србија нема намера да оспорува ништо што е поврзано со Република Македонија, ниту држава, ниту нација, ниту друго“ истакна Дачиќ.

Без коментари