Македонски државјанин предаден на САД обвинет за измама со кредитни картички

0
676

Словенија предаде на САД македонскиот државјанин кого таму го очекува судење поради продавање на украдени податоци за кредитни картички и нивните сопственици, пренесуваат во понеделникот словенечките медиуми.

Според извештаите станува збор за 29-годишниот Џеваир Ахметовски уапсен во Љубљана на 22-ри јануари 2014 година, известува словенечката новинска агенција STA.

Сé досега траела судската борба околу екстрадицијата на човекот кој е познат во хакерските кругови под прекарите „codeshop“, „sindrom“ и „sindromx“. Ахметовски, според податоците на американското министерство за правда, за пари препродавал податоци украдени од банки, коишто подоцна ги користеле криминалци.

На тој начин ширум светот биле злоупотребени податоци од повеќе од 180.000 различни кредитни и дебитни картички, а штетата нанесена на банките и поединците се проценува на милиони американски долари.

Ахметовски податоците добиени од хакери преку ткн „рибарење“ во периодот од 2010 до 2014 година ги нудел преку порталот Codeshop.su, при што доменот SU (Sovet Union) бил регистриран во Руската Федерација, од каде што со неа според сознанијата на американската истрага управувал.

Американските правосудни власти во приведувањето на Ахметовски имале соработка со власите на Словенија и Холандија. Во САД ќе му биде судено за кражба на идентитети, неовластено пристапување на доверливи податоци, како и за соучесништво во компјутерска измама од поголеми размери./крај/мф/сн