Македонскиот филм „Лазар“ ќе го отвори фестивалот „Браќа Манаки“

0
979

Во десетте дена на претстојниот 36. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола ќе бидат прикажани 215 филмови. На 18 септември фестивалот ќе биде отворен со премиера на македонскиот филм „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски.

Организаторите на фестивалот денеска на прес-конференција ја соопштија фестивалската програма, како и добитниците на Специјална награда „Златна камера 300“ за придонес во светската кинематографија – актерите Бруно Ганц од Швајцарија и Алексеј Серебрјаков од Русија.

Добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, пак, која ја доделува Друштвото на филмски професионалци, е карикатуристот, автор на анимирани филмови и архитект Дарко Марковиќ.

Половина од 215-те филмовите кои ќе бидат прикажани во Битола од 18-ти до 27 септември се во различни категории, од кои три се натпреварувачки (Официјална, Нов европски филм и SEE Камера). Останатите 111 се студентски филмови.

Директорот на ИФФК Димитар Николов рече дека од идниот петок Битола ќе биде епицентар на  културата, со филмски проекции, околу 700 гости (еминентни филмски работници, критичари и студенти), со 75 придружни настани на 40-ина локации во Битола.

– Подготвени сме на публиката да и подариме уште едно издание во кое ќе може да ужива во добри филмови, голем број работилници и придружни активности, рече Николов.

Во официјалната програма се 13 филмови кои ќе се натпреваруваат за наградите „Златна камера 300“ (Златна, Сребрена и Бронзена): „Сикарио“, „600 милји“, „Убиец“, „Црни души“, „Макбет“, „Синот на Саул“, „Викторија“, „Тимбукту“, „Нашата мала сестра“, „Нахид“, „Белите ноќи на поштарот“, „Мојата мајка“ и „Земја и сенка“.

Селекторот Благоја Куновски-Доре истакна дека фактот што меѓу филмовите има наградени на престижните фестивали во Кан, Берлин и Венеција, го потврдува нивниот квалитет. Посочи дека програмата нуди жанровски различни филмови, снимени од веќе познати директори на фотографија, но и остварувања на нови имиња.

За наградите во главната натпреварувачка програма ќе одлучува петчлено меѓународно жири, под претседателство на полскиот кинематографер Ришард Ленчевски, кој е годинашен лауреат на наградата „Златна камера 300“ за животно дело (покрај другите двајца лаурати на оваа награда – кинематограферите Божидар Бота Николиќ и Јаромир Шофр).

Покрај поголемото времетраење на „Браќа Манаки“, оваа година фестивалот донесува и две нови натпреварувачки програми: Нов европски филм – посветена на први или втори играни филмови на режисери од Европа (десет филма селектирани од Дејан Трајкоски) и програмата SEE Камера (осум филма селектирани од Саша Станишиќ). Во двете програми ќе се доделуваат по две награди (за филм и за кинематографер) награда „Бона деа“ за европските филмови и „Златен Манаки“ за филмовите од Југоисточна Европа.

Тука се и Документарната програма (селектор Гена Теодосиевска) и Кратки филмови (селектор Јованка Попова), како и детската програма „Големо платно – голема разлика“ на фестивалскиот партнер – ВИП.

Успешно издание на годинашниот ИФФК на новото раководство му посака министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која на прес-конференцијата искажа задоволство од зголемената продукција на македонски филмови во изминатите години, посочувајќи дека многу од нив светската премиера ја имаат токму на овој фестивал. Тоа, рече Канческа-Милевска, се должи на зголемениот буџет за филмската дејност.  Потсети и на донесените стимулативни мерки со кои се привлекуваат странски продукции да снимаат во Македонија.

– Наша цел беше македонските продуцентски куќи да остварат што поголем број мнозински или малцински копродукции кои ќе овозможат видливост на Македонија и македонскиот филм, додаде министерката за култура.

Сценариото за филмот „Лазар“ на режисерот Светозар Ристовски (копродукција на Македонија, Хрватска, Бугарија и Франција), кој ќе го отвори фестивалот, почна да се развива токму на ИФФК – на „Манаки стрип корнер“. Директорот на фотографија Дејан Димески е задоволен што премиерата ќе биде на „Браќа Манаки“ бидејќи, како што рече, на овој фестивал тој созревал како автор.

„Лазар“ тематизира приказна за распадот на едно семејство кое егзистира со пренесување бегалци. Филмот веќе е прифатен за натпреварувачка програма на фестивалот во Варшава.