Македонските студенти ќе плаќаат школарина за студии во Германија

0
532

Од есента следната година, интернационалните студенти ќе мора да плаќаат школарина од 1500 евра за семестар како дел од напорите на Германија да го намали дефицитот во високото образование од 48 милиони евра

Студентите надвор од Европската унија наскоро ќе треба да плаќаат школарина за студирање на универзитетите во југозападниот дел на Германија, каде што досега курсевите биле бесплатни.

Школарината беше укината во државата Баден-Виртемберг во 2011 година, а универзитети станаа ослободени од трошоците за школарина во сите држави во Германија до 2014 година.

Но, и покрај ветувањата дека нема да се воведе партиципација претходно оваа година, државата Баден-Виртемберг најави повторно воведување на школарина за меѓународните студенти од есента 2017 година, соопштува Independent.

Промената доаѓа како дел од напорите за намалување на долгот на земјата, а Министерството за високото образование призна дека не може да дозволи да обезбедува бесплатно образование за сите.

Откако Велика Британија ја напушти ЕУ, од британските студенти кои во голем број се дел од германските институции, вклучително и на Универзитетот во Штутгарт и на Универзитетот во Хајделберг, ќе се бара да плаќаат школарина од 1.500 евра (1,256 фунти) по семестар.

За вториот циклус на студии студентите би плаќале намалена школарина од 650 евра или 544 фунти за семестар. Се верува дека оваа цена може да се прошири низ цела Германија во наредните години.

Според министерот за високо образование во Германија, министерството треба да пополни празнина од околу 48 милиони евра или 40.2 милиони фунти следната година.

Исклучок е направен за студентите од земјите надвор од ЕУ кои имаат статус на постојан престој во Европа. Бегалците со право на престој исто така ќе бидат ослободени од плаќање школарина.

Во моментот Германија е една од неколкуте европски земји кои нудат бeсплатно универзитетско образование, заедно со Данска, Финска, Норвешка и Шведска.

fakulteti.mk