Македонско полската претстава Прекинатата одисеја во Битола

0
490

На големата сцена во Центарот за култура во Битола, гостуваше претставата „Прекината одисеја“ од Роберт Урбањски, во режија на Јацек Гломб, а во изведба на Македонскиот народен театар во соработка со театарот „Хелена Моджејевска“ од Полска.

Темата на претставата е за егоздусот на децата бегалци од Егејска Македонија, кој завршува во Полска каде што домаќините им дале „топло добредојде“ , ги оживува страдањата, спомените преку култура, уметност и театарски чин.

-Полска е толку далечна, но сепак преку оваа претстава може да видиме дека е и блиска на македонски народ – истакнува режисерот Гломб, за претставата која беше подготвувана две години.

Според драматургот Роберт Урбањски се работи за приказна што во одредено време ги поврзува нашите народи кои, како што рече, до денеска топло зборуваат едни за други. Изрази надеж дека судбината на тие луѓе и топлината што ја покажале меѓусебно со оваа претстава ќе биде продлабочена и дека и во иднина тие односи и релации ќе бидат уште подлабоки.

Во претставата, играат 30 актери од Полска и Македонија меѓу кои Владо Јовановски, битолчанката Софиа Насевска-Трифуновска, Сашка Димитровска, Снежана Коневска – Руси, Билјана Јовановска, Борче Начев, Томе Витанов и Трајче Ѓоргиев.

Музиката е на Горан Трајкоски.

Претставата во Битола беше изведена во рамките на турнејата низ Македонија, па така после премиерата во Скопје, претставата беше изведена во Куманово, Велес, Струмица, Штип, Охрид, а после Битола беше изведена во Прилеп.

Директорот на МНТ. битолчанецот Дејан Пројковски, истакна дека како што е договорено меѓу двата театри, претставата понатаму ќе биде дел од фестивалската понуда и во следните неколку години и ќе се прават напори таа да гостува во што повеќе земји и фестивали.

Претставата ќе биде дел и од програмата со која Министерството за култура ќе се претстави на манифестацијата „Вроцлав – европска престолнина на културата 2016 година“.

Без коментари

LEAVE A REPLY