Македонците на интернет повеќе купуваат од странство

0
251

Последните години станува се поголем бројот на македонски граѓани кои пазаруваат на интернет. Според податоците на Народната банка на Македонија има рапиден скок на онлајн потрошувачката во земјава. Се зголемува и бројот на интернет продавници во земјава, но се уште не е на ниво на кое се западните развиени земји. Кога се работи за отворање интернет продавница во Македонија и во некоја друга развиена земја, има разлика.

-Кај нив е лесна процедурата за отворање интернет продавница, банките им излегуваат во пресрет. Кај нас секоја банка има посебен систем за поврзување, отворањето веб продавница е поголема процедура за разлика од други земји, но и поскапа, вели Предраг Стојковски, Нова Солушнс.

Навиките на Македонците за пазарење се менуваат, а интернетот како најдостапна алатка, особено за помладите, полека но сигурно станува прв избор за шопинг. Според податоците од Државниот завод за статистика, во последните 12 месеци, македонските онлајн потрошувачи најчесто купувале облека и спортска опрема, електронска опрема, книги, списанија, хотелски аранжмани, производи за домаќинство, прехранбени производи итн.

-Се тргна бариерата дека е несигурно купувањето од интернет, вели Стојковски.

Но колку и да радува фактот што бројот на македонските веб продавници се зголемува, повратната информација е дека повеќе се пазари од странските онлајн продавници, отколку од домашните. Податоците велат дека околу 35% од потрошувачите ги користеле услугите на онлајн трговците од земјава, додека останатите купувале од интернет трговците од ЕУ и од останатите земји од светот.

Стојковски се надева дека ваквата слика наскоро ќе се промени во позитивна смисла и дека бројот на македонски граѓани кои купуваат од домашни веб продавници ќе се зголеми.

-Побрзо доаѓа испораката, сите интернет продавници во Македонија се од реномирани фирми, вели Стојковски.

Дополнителен фактор за развој на е- трговијата кај нас е и влезот на Пеј-пал, глобално употребуваниот систем за онлајн плаќање, кој пак, освен што овозможува пристап на македонскиот потрошувач до сите големи светски онлајн трговци, им дава на потрошувачите и поголема сигурност во трансакциите.