Макрон тврди хакери ги објавиле меиловите од неговата кампања

0
430

Изборниот штаб на независниот кандидат на претседателските избори во Франција Емануел Макрон, соопшти дека Макрон е жртва на голема и координирана хакерска операција.

Соопштението е дадено откако голем број меилови од кампањата биле објавени вечерта во петокот, ден пред одржување на вториот изборен круг.

Ројтерс објави дека корисникот кој себеси се нарекува Емлеакс поставил околу девет гигабајти податоци на сајтот Пејстбин што овозможува споделување на анонимно поставени документи.

Изборниот штаб на Макрон, соопшти дека пред неколку недели им се украдени автентични документи, што потоа ги помешале со лажни документи за да предизвикаат сомнеж и дезинформација.

Како што е наведено, документите не претставуваат причина за загриженост, бидејќи го покажуваат нормалното функционирање на претседателската кампања.

Од штабот на Макрон тврдат дека оние што ги објавиле меиловите сакаат да ја поткопаат кампањата на Макрон само неколку часа пред вториот изборен круг што ќе се одржи во недела, пренесува Ројтерс.

Потпаролот на министерството за внатрешни работи на Франција рече дека нема да го коментира наводното хакување на меиловите од кампања на Макрон затоа што кампањата е завршена.

Да потсетиме, вториот круг на претседателските избори во Франција се одржува утре, а ривал на Макрон му е десничарката Марин ле Пен.