Малите деца создаваат големи светови

0
3562

По повод одбележувањето на патрониот празник ОУ,,Стив Наумов“-Битола, во соработка со НУУБ,,Климент Охридски“, беше организирана поетска манифестација за ученици поети од 6 до 14 години.

Целта на настанот беше да се афирмира поезијата, да се мотивираат учениците да се вклучуваат во меѓународни и натпреварувачки поетски конкурси, да се промовира работата на библиотеката како отворена институција за културна соработка, особено кај најмладата и помладата читателска публика и ученици творци на литературно творештво.

На манифестацијата и претходеше меѓународен конкурс на кој пристигнаа над стотина остварувања на млади поети од Македонија и нашето соседство, ентузијасти и љубители на поетската мисла.

На најдобрите поети им беа доделени пригодни награди.

Сите учесници имаа ретка можност да другаруваат со писателот Добре Тодоровски, да се запознаат одблиску со креативниот процес на создавање на поезијата, нејзините законитости, тајните на мислата, рефлексијата. Средбата на учениците им овозможи во една неформална соработка да се запознат и дружат со роднокрајниот писател.