Манчевски:Да не ја туркаме културата меѓу некролозите и огласите, културата го прави човештвото човештво

0
849

38. издание на фестивалот за филмска камера „Браќа Манаки“ вечерва заврши со свеченото доделување на наградите. Покрај истакнатите светски кинематографери и верната битолска публика на фестивалот, на црвениот тепих пристигна и министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој му ја врачи Специјалната „Златната Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност на режисерот Милчо Манчевски. Тој со своите култни филмови „Пред дождот“, „Мајки“, „Прашина“ и „Сенки“ ја постави Македонија на светските листи за најдобри филмови.

Министерот Алаѓозовски му ја врачи наградата на Манчевски, истакнувајќи дека му ја предава оваа награда од се’ срце, бидејќи неговите филмски истражувања и критики кои ги пишувал порано, во голем дел биле посветени токму на творештвото на овој режисер.

Милчо Манчевски се заблагодари за наградата и му посака побрзо закрепнување на директорот на фестивалот Блоагоја Куновски – Доре. Исто така, тој апелираше културата да го добие соодветниот третман во општеството.

– Култура не е нешто што треба да се стави меѓу некролозите и малите огласи, културата е она што човекот го прави човек, заедницата ја прави да биде заедница и конечно културата е она што човештвото го прави човештво. Затоа апелирам да не ја туркаме меѓу некролозите и малите огласи- рече Манчевски.

Мигот кој сите со нептрпение го очекуваа, секако беше објавувавувањето на добитниците на наградите Златна, Сребрена и Бронзена „Камера 300“ за која оваа година се натпреваруваа 13 кинематографери на филмовите во официјалната компетиција.

Жирито во состав Пол Рене Ростад, претседател и членовите Лука Коасин, Јани Петери Паси, Даријан Пејовски и Ерол Зубчевиќ, кој не беше во можност лично да присуствува на затварањето, им ги врачија наградите на кинематограферите, велејќи дека не било воопшто лесна работа да се одбере помеѓу толку квалитетни филмови.

Прво се обрати претседателот на жирито, Пол Рене Ростад, заблагодарувајќи му се на фестивалскиот тим за организирањето на ваков фестивал во чест на кинематограферите од целиот свет.

-Како претседател на Европската федерација на кинематографери, би сакал особено да ја истакнам важноста на овој фестивал за сите кинематографери низ светот и да нагласам колку искрено се воодушевуваме на важната работа што ја прават Благоја Куновски, Гена Теодоскиевска и нивниот фантастчен тим, фокусирајќи се на кинематограферите од секаде од светот. Да се биде член на жири е тешка работа. Особено кога сте опкружени со толку талентирани кинематографери. Понекогаш се чувстувавме како да сме во музеј, опкружени со слики на Рембрант, Тицијан, Сезан и Реноар и како да треба да избереме кој од нив е најдобар. Но, конечно, вистинската работа на жирито е да пресече. Па ние пресековме – рече Пол Ростад пред самото доделување на наградите.

Малата камера 300 му припадна на кинематограферот Наум Доксевски, кој го сними македонските краток филм во режија на Горан Столевски  „Види ја ти неа“, за една млада девојка што ги крши правилата на едно патријархално општество.

Оваа година покрај главните награди, жирито му додели специјално признание на младиот руски кинематографер Данил Фомичев, за филмот „Како Виктор Лукчето го однесе Алексеј пастувот во домот за стари лица“, во режија на Александар Хант.

Даријан Пејовски му ја врачи наградата  на Фомичев, образложувајќи дека за тоа е заслужен свежиот пристап на кинематограферот во овој дебитантски филм.

Бронзената камера 300 му припадна на Дејан Димески  за филмот „Жаба“ во режија на Емир Јукиќ. Лука Коасин, предавајќи му ја наградата на Димески, рече дека жирито смета дека кинематограферот се справил со предизвикот на раскажување на приказна во многу ограничен простор, наоѓајќи го идеалното растојание помеѓу камерата и изведбата на актерите.

Димески се заблагодари на жирито и на својата екипа, потсетувајќи се дека првпат дошол на фестивалот „Браќа Манаки“, како студент во 1995 година, за да сега доживее да стои на сцената со една од главните камери.

Јани Петери Паси, пред да ја додели Сребрената Камера 300 истакна дека не било лесно да се одлучат помеѓу двата филмови кои се бореа за првото место. Сребрената камера 300, му припадна на Рајнер Клаусман за филмот „Од ништо“, во режија на Фатих Акин.

-Кинематографер кој ни го покажува своето огромно искуство и способност визуелно да раскаже приказна на начин што совршено се совпаѓа со важната и драматична приказна. Тој визуелно го поддржува и совршено го засилува секое мало дејствие во сценариото, ненаметливо придонесувајќи кон емоционалната рамнотежа на приказната- рече Паси.

Златната камера 300 му припадна на Унгарецот Марсел Рев, кинематограферот кој го сними филмот „Месечината на Јупитер“, интригантна сторија за односот кон бегалците.

Претседателот на жирито Пол Ростад му ја додели наградата, велејќи дека Марсел Рев изненадил со својата визуелна енергија и исклучителна креативност во пренесувањето на приказната низ слики.

Сите добитници на наградите, видно возбудени му се заблагодарија на жирито и организаторите на фестивалот, за прекрасната можност да се учествува на еден ваков уникатен филмски фестивал кој ја слави работата на луѓето зад камерата.

За крај на свеченоста, министерот за култура Роберт Алаѓозовски изрази благодарност до сите учесници на фестивалот, до филмските работници кои пред речиси 40 години создадоа бренд кој уште зрачи со единственост помеѓу безбројните филмски фестивали ширум светот

-Освен филмските работници, признание заслужуваат и вистинските домаќини на фестивалот, битолската публика. Оваа публика е нашиот центар, оваа публика сме сите ние.  Токму заради љубителите на уметноста, Фестивалот треба да продолжи да се развива како грижливо креирана прослава на  филмот, со возвишена почит кон директорите на фотографија и нивната посветеност во конструкцијата на естетиката на подвижните слики – рече Алаѓозовски.

Тој исто така ја изрази поддршката на Министерството, насочена кон подобра и постабилна иднина и развој на фестивалот, во духот на современите трендови во уметноста.

-Тоа го демонстриравме и неодамна, кога помогнавме да се исправи една неправда и тој да се врати во организација на Друштвото на филмските работници на Македонија, што го организира над 3 децении. Решени сме да ја антиципираме иднината свртени кон квалитетот во создавањето,  но истовремено горди на нашата традиција и на свежината на искуството од таа традиција. Тоа е скапоцено, благородно, и навистина многу ретко, и затоа сите ние треба достојно да го претставуваме и надградуваме – рече министерот Алаѓозовски.

По свеченото доделување на наградата, публиката во Центарот за култура го виде последниот филм од главната програма „Нека влезе сонцето“ во режија на Клер Дени, со Жулиет Бинош во главна улога.

 

Без коментари