Манифестот предложен од ВМРО-ДПМНЕ гарантира владеење на правото

0
263

Граѓаните на Република Македонија сакаат мултиетничка, граѓанска и просперитетна држава, граѓаните не сакаат бинационална, подвоена и федерализирана држава.

Тиранската Платформа за која граѓаните немаа можност да се произнесат на избори, е антиуставна и го поткопува уставното уредување на Република Македонија.

Секој ден сме сведоци на негаторски изјави насочени против македонскиот народ кои доаѓаат од надвор, но и од коалиционите партнери на Зоран Заев.

Секојдневно го слушаме креаторот на владината платформа на Заев – Тиранската Платформа, Еди Рама, и неговите министри и коалициони партнери како ја напаѓаат и негираат Македонија, но никаде осуда или одговор од СДСМ.

За разлика од Тиранската Платформа која фаворизира само една етничка заедница, подвојува и ги буди духовите на минатиот век, ВМРО-ДПМНЕ го нуди Манифестот за Единствена Македонија кој нуди граѓански концепт, сплотува и нуди економски развој.

ВМРО-ДПМНЕ секогаш на прво место го става интересот на сите граѓани на Република Македонија и затоа го промовиравме Манифестот кој нуди стабилна иднина и сигурен соживот.

Манифестот за Единствена Република Македонија предвидува и нуди решение за долгорочна политичка стабилност. Манифестот предвидува секој иден добитник на парламентарните избори, да добие бонус 20 пратеници, во рамките на сегашниот број на пратеници и согласно Уставот или пак да се воведе мнозински изборен модел.

Што има СДСМ против ваквиот предлог? Овој предлог нуди сигурност дека дури и да победи СДСМ на некои од наредните изборни циклуси со минимална разлика, нема да биде предмет на уцена и нема да мора да прифаќа Тирански или какви било туѓи платформи, само за да оформи ново мнозинство.

Манифестот предложен од ВМРО-ДПМНЕ гарантира владеење на правото и правна држава како клучен услов за успех на државата. Манифестот нуди воведување на механизми за следење на владеењето на правото на локално ниво, вклучително наплатата на локални давачки и практична примена на законодавството, согласно најдобрите европски практики, како и воведување мерки за унапредување на примената на целата територија на Република Македонија.

Зошто СДСМ се противи на ваквите механизми? Дали нивните први луѓе во Арачиново, кои сега ги предводат протестите за неплаќање на струја, сметаат дека законот не треба да важи подеднакво на цела територија?

Основен принцип на Манифестот е и отворената пазарна економија, која ќе се заснова врз креативност, иновативност, претприемачки дух и слободен пазар.

ВМРО-ДПМНЕ докажа дека знае како да ја води економијата и креираше повеќе од 160.000 нови работни места. Неопходно е да се остане на тој курс и да се движиме кон општ раст и развиток.

Манифестот нуди отворена економија наместо да ја затвораме економијата во бизнис картелски шеми по воспоставената пракса на Зоран Заев и неговата фамилија и бизнис пријателите во Струмица.

Манифестот за Единствена Република Македонија нуди правна сигурност, економски развој, и обединување околу националниот интерес, но сепак СДСМ е против него. Додека пак СДСМ нема апсолутно ништо против Тиранската Платформа која секојдневно вади над 200.000 граѓани на улиците низ Македонија.

Затоа народот е на нозе! Затоа Македонија се буди!“, изјави Зоран Илиоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.