„Маргина“ – сага за ромско семејство од Битола

0
381

Во рамките на документарната програма на фестивалот „Браќа Манаки“ синоќа документарниот филм „Маргина“ го имаше своето меѓународното прикажување. Режијата е на битолчанецот Љупчо Темелковски, кој стои и зад камерата за овој филм.

Селекторката Гена Теодосиевска го опиша како фамилијарна сага за едно ромско семејство од околината на Битола кое опстојува „на работ“ на европското општество.

Темелковски, кој е мултимедијален уметник, објасни дека сакал да претстави една друга слика за Ромите наспроти онаа што се прикажува за нив и за многу други маргинализирани групи во вестите, во филмовите.

-Подготовките траеја околу една година пред да почнеме со снимање, а целиот процес траеше повеќе од две години. Вкупниот буџет за филмот беше 5.000 евра што за докуметарен филм е исто како да нема буџет – рече тој.

Маргина“ се осврнува на животот во ромската заедница, давајќи многу интимно согледување на животот на едно ромско семејство во Македонија кое опстојува „на работ“ на европското општество. Без претерана патетика филмот го прикажува секојдневниот семеен живот одбележан со општествената маргинализација и економската неизвесност, но исто така и вообичаените домашни проблеми се тука. Камерата е толку блиска-а сепак суптилна.