Марин Ле Пен под официјална истрага за проневерување европски фондови

0
335

Против конзервативката Марин Ле Пен се води официјална истрага во Франција поради проневерување финансиски средства во Европскиот парламент. Како што пишува Гардијан, во француското законодавство почнување ваква истрага е еквивалентно на поднесување обвинение.

Наводната злоупотреба на средствата на парламентот се одвивала од 2012 година навака, а во неа покрај Ле Пен се вплеткани и други претставници на партијата Национален фронт.

Станува збор за сума од 5 милиони проневерени евра, пишува Би-би-си. Парламентот се сомнева дека парите им биле исплаќани на асистентите на партијата на Марин Ле Пен.

Проблемот е во тоа што асистентите во тоа време не работеле за Ле Пен и другите пратеници на Националниот фронт во Европскиот парламент, туку работеле на партиски обврски во Франција.

Партијата Национален фронт ги негира сите обвинувања, а и самата Ле Пен, која уште во текот на претседателската кампања кога обвинувањата за првпат се појавија тврдеше дека станува збор за политички мотивиран напад.