Мартинка за најмалите за 1 Март

0
1028

Со песна,игра и мартинка на рачињата денеска најмалите го одбележаа 1 март. Мартинката претставува украс направен од коноп во црвена и во бела боја. Тие се симболот на Баба Марта, нам позната како предвесник на пролетта.

-Мартинката ни ја даде воспитувачката и ја ставивме на рачињата и ќе ја обесеме на дрво расцутено, рекоа дел од дечињата од градинаката Пролет во Битола.

Еден од обичаите вели дека мартинката се добива како подарок и дека таа никогаш не се купува за себе, туку се дава на своите најблиски и на пријателите. Може да се носи закачена за гардеробата или, пак, врзана околу раката или вратот. Има повеќе верувања за нејзиното отстранување, едната е дека кога ќе расцвета првото дрво треба да се одврзе и да се закачи на него, кај нас велат дека кога ќе се здогледа првата ластовица се вади и веднаш се става под првиот бел камен.

– Традиционално на сите дечиња буквално од најмалечи па до највозрасните им се става мартинка на рачињата во чест на Баба Марта. Мартинката е симболот на среќата, изјави Лидија Петровска директор на ЈОУДГ Естреа Овадија Мара

Покрај Македонија, оваа традиција, исто така, се почитува и во соседна Бугарија и во Романија. Мартинката, односно црвената и белата боја, ја симболизира желбата за добро здравје и воедно ја предвестува пролетта. Во едно верување црвената боја ја симболизира крвта, а белата боја чистотата, во друга, животот и смртта, потоа доброто и злото, како и среќата и тагата во животот на еден човек.