Масакрот во Тунис можеби го извршиле повеќе напаѓачи

0
172

Очевидци на масакрот од минатиот петок на плажата на хотелскиот комплекс во туниското летувалиште Сус, велат дека во нападот учествувале можеби повеќе напаѓачи, а не само едена, додека властите продолжуваат со испитувањето на седум осомничени лица дека му помагале на убиецот.

Веднаш по нападот, според првите изјави на очевидците туниските медиуми пренесуваа дека најверојатно станува збор за двајца напаѓачи, коишто дошле на плажата од страна на морето со гумен чамец. Меѓутоа, според официјалната верзија на туниските власти, напаѓачот со чадор за сонце во кој криел автоматска пушка „калашников“ дошол на плажата како да се капе и одненадеж отворил оган врз другите капачи.

Очевидци, исто така, изјавиле дека напаѓачот пред да започне да пука во водата фрлил мобилен телефон. Туниската полиција во саботата објави дека нејзините нуркачи во морето во близина на плажата пронашле мобилен телефон, но подоцна не беа објавени никакви информации во врска со тоа.

Тунискиот министер за внатрешни работи, Мохамед Гарсали, изјави во вторникот дека се уапсени неколку лица наводно поврзани со напаѓачот Сејфедин Резги. Тие биле уапсени во најмалку три града и се приведени на испрашување во главниот град Тунис, пренесува BBC.

Властите, исто така, соопштија дека 23-годишниот Резги, кој беше убиен од полицијата во нападот, дејствувал сам во својот налудничав поход во летувалиштето Сус, но дека имал помагачи. Тие му помогнале да го набави оружјето и му давале логистичка поддршка.

Меѓутоа, британски туристи тврдат дека виделе барем уште еден маж со оружје.

Во нападот за кој одговорноста ја презема Исламската држава, убиени се вкупно 40 луѓе, од кои речиси 30 се британски туристи, а уште толку луѓе се ранети.