Масовни протести во Хрватска

0
1024

Над 40.000 граѓани на Хрватска, но и не мал број Хрвати кои живеат во други држави, вчера протестираа во знак на поддршка на целосноста на курикуларната реформа.

На плоштадите се протестираше против примитивизмот и мешањето на политиката во образованието.

Во Загреб, на плоштадот Бан Јосип Јелачиќ, според проценките на полицијата протестирале 25.000 луѓе.

„Од оваа Влада нема надеж“, „Без образование детето ќе ми стане член на ХДЗ“, беа некои од текстовите на истакнатите транспаренти со кои собраните покажаа што мислат за оваа Влада на Хрватска.

Меѓу говорите изнесени на протестот што најмногу беа цитирани од медиумите се истакнува оној на мајката Ивана Кекин.

„Чест ми е да ви се обратам од ова место, како родител на дете кое ја користи моменталната образовна програма, но и јас, лично, како долгогодишен конзумент на истата. Нема да кажам ништо особено ново, но вреди да повториме – ние родителите кои сме денеска овде сме луѓе кои не сме ја загубиле надежта дека оваа земја има шанса. Хрватска може подобро. Ние играме на иднината. На утрешнината. На децата кои ќе знаат подобро отколку што нам ни беа скроени училиштата, можностите и фрустрациите. Кои нема да полнат автобуси за Штутгарт, туку ќе знаат како да им биде подобро овде“, порача Кекин од бината на протестот.

Ројтерс во својот извештај за протестот напиша дека под слоганот „Хрватска може подобро“ Хрватите протестираа зашто претходната влада на левиот центар сакала да го модернизира образованието и да им ги даде на учениците вештините што пазарот ги бара, зашто сега од образовните институции излегуваат кадри неподготвени за пазарот на труд.