Матичните лекари електронски ќе ги добиваат лабараториските резултати

0
258

Матичните лекари побрзо и полесно ќе ги спроведуваат превентивните прегледи на осигуреници на возраст од 14 до 65 години, кои имаат за цел рано откривање на трите најчести болести во земјава – срцевите и мозочните удари, дијабетес и нефролошки заболувања. Тие повеќе нема да печатат по седум обрасци, туку податоците и резултатите од превентивните прегледи до Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ќе ги испраќаат по електронски пат. Ова е овозможено со воведување на нова компјутерска програма за превентивните цели за кои секој матичен лекар преку Фондот добива 20 отсто од капитацијата секој месец.

„Со новото софтверско решение се овозможува целосно електронско работење и исфрлање на хартијата од употреба за превентивните цели. Со ова матичните лекари ќе заштедат околу 6 милиони денари годишно за тонери, хартија, принтери и сервисирање, а ќе имаат и повеќе време да му се посветат на секој пациент и ќе се намалат и турканиците во чекалните“, истакна на денешната прес-конференција директорот на ФЗО, Сашо Стефаноски.

Дополнителна поволност за Фондот и за матичните лекари е тоа што се смалува просторот за грешки и ќе се зајакне контролата на точноста на податоците. Со новиот софтвер и Фондот, и здравствениот систем, ќе добие реална база на податоци за хронично болни од дијабетес, кардиоваскуларни и нефролошки заболувања.

„Ваквите прецизни податоци се темел за современи и ефикасни здравствени политики но и основа за креирање на стратегии за намалување на заболувањата“, појасни директорот Орхан Рамадани.

Во наредниот период се планира матичните лекари електронски да се поврзат со лаборатории од примарно ниво, со што ќе имаат директен увид во резултатите од крвните анализи и граѓаните нема да имаат потреба да се враќаат со резултатите во хартиена форма кај својот лекар