Маж рани шест лица во воз во Швајцарија

0
726

Маж вооружен со нож и запалива течност ранил во саботата шест лица во напад во воз во Швајцарија, објавија властите.

Според податоците на швајцарскиот весник на француски јазик Tribune de Geneve, станува збор за 27-годишен државјанин на Швајцарија. Тој подметнал оган во возот недалеку од станицата Салез во кантонот Сент Гален. Вкупно седум лица се повредени од пламенот и од удари со нож, од кои некои се сериозно.

Швајцарските медиуми од германското говорно подрачје пишуваат дека меѓу повредените е и шестгодишно момченце. Другите жртви на нападот се 17-годишни момче и девојка, 50-годишен маж и уште две жени на 34 и на 43 години. Засега нема податоци за судбината на напаѓачот, кој и самиот е повреден и е хоспитализиран.

На местото на инцидентот е упатен хеликоптер кој ги транспортира повредените, а исто така и три возила на брзата помош.

Инцидентот се случил во 14,20 часот по средноевропско време, во време кога возот влегувал во станицата во Салез, Според Швајцарската телеграфска агенција (STA), во тој момент во возот имало неколку десетици патници.

Во моментов блокирана е железничката станица во Селез и се распоредени полициски сили и пожарникари. Обвинителството на Сент Гален отвори истрага, но засега не се познати мотивите за овој напад.

„Според досегашните информации, 27-годишен Швајцарец излеал запалива течност. Бил вооружен најмалку се оден нож. Течноста се запалила“, се наведува во соопштението на полицијата на кантонот Сент Гален. /крај/мф/сн