Медеја како инспирација за колекцијата Враќање на антихеројот

0
305

Враќање на антихеројот е првата официјална есен – зима колекција на брендот “Papaz”, која беше презентирана на Модниот викенд Скопје. Испровоциран од нетипичниот пристап за инспиранција, дизајнерот битолчанецот Андреј Папаз Ѓоргиевски истакнува – Модниот дизајн е уметност, треба сериозно да се работи. Најчесто црпам инспирација од книжевни ликови што е случај и со оваа колекција, овојпат од Медеја.

Богатата палета од квалитетни материјали обоени во крем нијанси, па се до потемни кафеави и црни тонови, прави да секое парче облека биде стилизирано и обогатено со раскошни текстури и суптилни детали. Женствената силуета и овојпат е истакната во креациите на Папаз.

– Да се подготви еден ваков настан, колекција, ревија и се она што е зад сцената е вистински предизвик. Среќен сум што можам да се потпрам на своето искуство, а заедно со тимот на Моден викенд Скопје, со ревијата успеавме да допреме директно до љубителите на модата, вели Папаз и додава – Совршениот лик за колекцијата е секоја несовршена личност која се спротивставува на толпата. Колекцијата се занимава со внатрешниот човечки изглед, кој го трансформира и бескомпромисно го прикажува онаков каков што е, храбар, незапирлив, неуништлив. Да се освои толпата и да се продолжи заедно со неа е херојство, но храбро да и се заврти грбот и без двоумење да се продолжи, е мисија на реткиот антихерој.

Црвениот килим на престижниот филмски фестивал „Браќа Манаки“ изминатите години е побогат со неговите гламурозни креации. Работеше на евровизискиот изглед на Влатко Лозаноски во 2013 година, на стајлинзите на учесниците на Македонскиот идол, на костимографијата на наградувани театарски престави како Кралски игри и Жени без мажи и ништо повеќе, Трансферату и на популарното детско ТВ-шоу „5+ Фамилија“.

Музиката на ревијата е на Димитар Андоновски .

Talent is the new sexy e темата на годинешното издание на модниот викенд.

-Можам да кажам дека овогодинешната тема на некој начин се совпаѓа со идејата што ја носи мојата колекција, а и со мене како професионалец. Во целиот овој хаос, каде поважни се сè повеќе споредни работи, како што е краткорочното привлекување внимание на социјалните мрежи или злоупотребување на професијата само да се создаде слика на некој лажен престиж, некако како да се подзаборави дека талентот е тој почетен импулс, кој треба да се негува и да се развива. Талентот примарен квалитет, значаен и единствен код на секој дизајнер, време е тоа да истакне и да се вредне на вистински начин – истакнува Ѓоргиевски.

Колекцијата ќе биде достапна во неколку атељеа на негови колеги, исто така ќе може да се разгледа на неговата официјална веб страна, како и фан страната на фејсбук – Папаз.