Меѓународни први места за битолскиот диригент Сашо Татарчевски

0
1217

Женскиот младински хор при МКЦ, од Скопје , под диригентство на битолскиот диригент, маестро Сашо Татарчевски, освои први места во две категории, а Татарчевски доби три специјални награди на најдобар диригент на шестиот меѓународен фестивал и хорски натпревар за духовна музика „Vratislavia Sacra“, кој од 3-ти до 6-ти јуни се одржа во европскиот град на културата за 2016 година, Вроцлав.
Хорот се закити со први места во категориите за еднородни хорови и за госпел и спиритуална музика, а диригентот Татарчевски доби специјални награди за најдобар диригент од стручното жири, од жири комисијата на организацијата „Вроцлав, европски град на културата“ и од претставниците на музичката академија во Вроцлав.
На фестивалот учествуваа дваесеттина ансамбли од Европа и САД, кои покрај на натпреварот, зедоа учество и на голем број концерти што се одржуваа во неколку катедрали низ градот.

Женскиот младински хор при МКЦ годинава слави 44 години од постоењето и е еден од најуспешните колективи кој ја претставува Македонија на меѓународната сцена, освојувајќи голем број награди и признанија.
Појавата на Женскиот младински хор, во некогашниот Дом на млади „25 Мај”, а сега Младински културен центар, датира од 1972 година.
Од март 2004 година, хорот го превзема диригентот Сашо Татарчевски.
Хорот има одржано голем број концерти во Македонија, вклучувајќи го и учеството на најреномираната музичка манифестација Денови на македонска музика.
Тука се турнеите во Швајцарија, Турција, Бугарија, Италија, Полска, Чешка.
Хорот е добитник на многубројни награди и признанија на реномирани музички фестивали ширум светот меѓу кои-освоената втора награда и сребрена плакета на фестивалот во Римини, Италија,први награди за најдобро изведена обврзна композиција и наградата на композиторот Бохуслав Мартину, освоените први две награди на фестивалот во Петриње, Република Хрватска и многу други а тука е и проектот –
соработката со младиот композитор Александар Пејовски и снимањето на ЦД со праизведби на нови композиции.

Маестро Татарчевски е професор на факултетот за музичка уметност во Скопје по група предмети од областа на диригирањето. Успешно настапува со разнородни инструментални и вокални ансамбли во Македонија и странство, а постојано работи и постигнува меѓународни успеси со неколку хорови како професионалниот камерен хор „Про Арс“, хорот на ФМУ Скопје „Драган Шуплевски“ и Женскиот младинско хор при МКЦ. Редовен член е во неколку жири комисии на меѓународни хорски натпревари, а од 2014 година е уметнички раководител и главен предавач на меѓународниот хорски форум во Струга.

Освен на фестивали со натпреварувачки карактер, Женскиот младински хор на МКЦ има учествувано и на голем број фестивали со ревијален карактер, успешно презентирајќи ја музичката култура на Македонија.
Секогаш свежиот и разновиден репертоар, како и стандардно високиот квалитет на изведба се заштитен знак на хорот и секако едни од важните фактори во континуираните успеси на домашната и меѓународната сцена.