МЕПСО ги награди најдобрите студенти

0
716

МЕПСО денеска додели договори за стипендии на четири студенти во трета година на Електротехничка насока при Техничкиот факултет при универзитетот „Свети Климент Охридски“. Добитници на стипендиите се студентите: Даниела Евтимовска, Ивана Велевска, Тамара Трајковска и Игор Стерјовски кои ги исполнија условите пропишани во огласот: просечна оценка од положени испити од најмалку 9,00 и да се запишани за прв пат во трета студиска година на електротехничката насока при Техничкиот факултет во Битола.

Договорите за стипендирање на студентите во име на МЕПСО ги врачи Иван Коробар, шеф на Кабинет на генерален директор во МЕПСО кој во своето обраќање ги охрабри студентите да продолжат со истиот ангажман и посветеност во студирањето и додаде дека нивната работа се гледа и се вреднува. При тоа Коробар резимираше дека благодарејќи на кампањата на Владата за студирање на технички науки, бројот на запишани студенти на електроенергетските насоки постојано се зголемува од година во година. И дека во рамки на тој процес МЕПСО се приклучи и даде поддршка на иницијативата на раководството на Техничкиот факултет Битола и започна соработка со овој факултет.
На почетокот на февруари годинава Техничкиот факултет од Битола и МЕПСО склучија Меморандум за соработка со кој ја продлабочуваат својата соработка на повеќе полиња. Со ова се создаде основа за долгорочна соработка во повеќе области од ко една е и процесот на стипендирање на студенти на Електротехнички отсек на Техничкиот факултет при универзитот „Свети Климент Охридски“ во Битола.

Во своето обраќање Миле Спировски, професор на Електротехничкиот отсек при факултетот ги поттикна сите студенти и натаму да го докажуваат нивниот квалитет со што заедно ќе го оправдаат епитетот на лидер на електротехничкиот отсек во академската фела.
– Матурантите т.е. сите идни студенти ги бодрам да студираат на нашиот – на Техничкиот факултет и со тоа да бидат дел од најдобрите. Воедно се заблагодарувам на АД МЕПСО за соработката која се надевам во иднина ќе ја прошируваме, рече Спировски.

МЕПСО во рамки на својата платформа за општествена одговорност и досега во рамки на можностите стипендира студенти на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Таму стипендии доделува од 2012 година и досега има 19 стипендисти. По доделувањето на стипендии на студентитите на Техничкиот факултет Битола вкупниот број на стипендисти на МЕПСО, ќе се зголеми на 23 лица, истакна Коробар во своето обраќање пред присутните.