Металург ќе игра во следната Лига на шампиони

0
517

Ракометниот клуб Металург и во сезоната 2016/2017 ќе биде дел од Лигата на шампионите, откако ЕХФ на состанокот во Виена, реши на тимот од Автокоманда, слично како и во минатата сезона, да му додели „вајлд карта“ за учество.

Металург, како и минатата сезона, ќе се натпреварува во послабиот дел во Лигата на шампионите, односно во групите Ц и Д, додека шампионот Вардар одново ќе биде дел од најсилната конкуренција односно групите А и Д.

Инаку, иако во Ц и Д групите се натпреваруваат квалитативно послаби екипи од оние во групите А и Б, оваа година и во „послабиот“ дел од Лигата на шампионите конкуренцијата е посилна од минатата сезона, бидејќи во овој дел од ждрепката ќе бидат француските Монпелје и Нант, односно турски Бешикташ и руски Чеховски медведи.

На ждрепката за групите Ц и Д, покрај Металург ќе учествуваат: Бешикатш (Турција), Нант и Монпелје (Франција), Мотор (Украина), Чеховски медведи (Русија), Динамо Букурешт (Романија), Елверум (Норвешка), Холтесбро (Данска), Ла Риоха (Шпанија) и уште два тима од дополнителните квалификации.

Што се однесува до актуелниот македонски првак Вардар, конкуренти на ждрепката ќе му бидат: Кјелце и Висла (Полска), Рајн Некар, Кил и Фленсбург (Германија), Веспрем и ПИК Сегед (Унгарија), Мешков Брест (Белорусија), Силкеборг (Данска), Кристијанштад (Шведска), Барселона (Шпанија), ППД Загреб (Хрватска); ПСЖ (Франција), Цеље (Словенија), Кадетен Шафхаузен (Швајцарија).