Мигрантите и бегалците во Идомени не го прифаќаат договорот ЕУ-Турција

0
401

Мигрантите и бегалците што се наоѓаат во кампот на северот на Грција порачаа вбо петок дека немаат намера да заминат, отфрлајќи го договорот меѓу ЕУ и Турција со кој треба да запре илегалната миграција во Европа.
ЕУ во петок постигна договор со Турција да ги прими назад сите илегални мигранти, вклучувајќи ги и Сиријците, а Европа за возврат по легален пат директно од Турција ќе пресели неколку илјади сириски бегалци. Турција ќе добие шест милијарди помош до 2018 година за згрижување на бегалците, побрзо укинување на визите и забрзување на пристапните преговори.

Одлуката ќе се применува од 20 март и ќе важи за мигрантите кои ќе стигнат во Грција од тој датум, а во Турција ќе бидат вратени откако ќе бидат регистрирани и откако ќе им бидат обработени барањата за азил.

Не е јасно што ќе се случи со десетиците илјади мигранти кои веќе се наоѓаат во Грција.

Илјадници луѓе кои се наоѓаат во кампот Идомени, на грчко-македонската граница, се разочарани и лути и не сакат да го прифатат договорот.

Мала група мигранти се собра на железничката станица, барајќи отворање на македонската граница.

„Ним не им е гајле за нас“, вели вдовица од Алепо, која сака да им се придружи на двете деца во Германија.

„Немам што да изгубам и ќе останам овде колку што ќе биде потребно“, рече вдовицата.

„Ова е многу лошо за нас, но немам избор. Ќе останам овде“, рече Хусам, 39 годишен Сириец од Хомс.

„Не можеме да разбереме зошто Европската унија ги затвара границите“, рече 21 годишниот Бахјат Сарис од Дамаск. „Не сакаме некој друг да одлучува за тоа во која земја ќе отидеме и што ќе правиме“, додава Сарис. /крај/хн/ст

Без коментари

LEAVE A REPLY