Министерот за надворешни работи Димитров во официјална посета на Грција

0
318

 Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска во Атина ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, јави дописникот на МИА.

По тет-а-тет средбата, ќе следува состанок во проширен состав, по што двајцата министри ќе одржат прес-конференција. По изјавите за медиумите, Коѕиас ќе организира работен ручек во чест на неговиот македонски колега.

Министерот Димитров попладне ќе се сретне и со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, а потоа и со Јоргос Кумуцакос кој е одговорен за надворешна политика во најголемата опозициска партија Нова демократија.

Коѕиас вчера во Атина имаше средба со министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, по која одговарајќи на новинарско прашање изјави дека очекува средбата со Димитров да биде добра и креативна.