„Министерот за војна“ на ИСИС веројатно убиен во воздушен напад на САД

0
480

Војската и разузнавачките служби на САД ја проценуваат информацијата дека во американски воздушен напад загинал еден од највисоките лидери на ИСИС, неофицијалниот министер за војна на терористичката организација, познат како Омар „Чеченецот“, рекле неколку претставници на САД за Си-ен-ен.

Нападот се случил во петокот во близина на сирискиот град Ал Шадади. Официјален претставник на Министерството за одбрана дека рече Абу Омар ал Шишани „најверојатно е убиен“.

Шишани имаше репутација на еден од најспособните команданти на ИСИС. Американскиот Стејт департмент по него распиша награда од 5 милиони долари. Шишани е поранешен член на елитните грузиски воени единици.

„Батирашвили е искусен воен лидер што ги водеше борците на ИСИС во голем број акции во Ирак и Сирија“, изјави портпаролот на Пентагон Питер Кук во соопштението, користејќи друго име за терористот.

„Неговото можно отстранување од бојното поле негативно ќе влијае на способноста на ИСИС да регрутира странски борци – особено оние од регионите Чеченија и Кавказ – и ќе ја намали способноста на ИСИС да ги координира нападите и да ги брани своите упоришта како Рака во Сирија и Мосул во Ирак“, рече тој.

Официјален претставник на одбраната изјави дека уште 12 борци на ИСИС најверојатно се убиени заедно со Шишани.

Шишани ѝ се приклучил на ИСИС во 2013 година, рече претставникот, а подоцна раководел затвор во близина на Рака, каде што терористичката организација можеби ги држела странските заложници.

Во јуни 2014 година Шишани ја инструирал групата да пренесува возила и оружје во Сирија од Ирак, и на крај лидерот на ИСИС Абу Бакр ал-Багдади го именувал за северен командант на организацијата, за да ги надгледува воените операции во северна Сирија, изјави претставникот.

www.mkd.mk