МИОА ги чешла институциите, бројката од 115.729 вработени не е реална

0
651

Министерството за внатрешни работи почна со поединечна проверка на бројот на вработени во сите институции откако било утврдено дека дека Регистарот на вработените во јавниот сектор не ја дава реалната бројка, соопшти министерот Дамјан Манчевски.

„Согласно Законот за вработените во јавниот сектор, Министерството за информатичко општество и администрација преку Информационен систем за управување со човечки ресурси воспоставува и води Регистар на вработените во јавниот сектор. Сепак, Министерството за информатичко општество и администрација нема Регистар што ги содржи информациите за сите вработени во јавната администрација. Иако за регистарот се одвоени 2 милиони евра за период од 5 години (2014-2018), тој не ја рефлектира реалната состојба со бројот на вработени“, рече Манчевски.

Тој информираше дека во Македонија постојат 1.302 институции, а од нив 197 не побарале согласност за систематизација од МИОА. За нив, рече Манчевски, немаме никакви податоци.

„150 институции имаат одобрена систематизација од МИОА, но систематизацијата не е активна, односно немаат никогаш внесено податоци. 918 институции имаат одобрена систематизација, и имаат внесувано податоци. Сепак, постојат сериозни индиции дека и кај овие институции голем број на податоци не се уредно пополнети. 37 институции, во кои што спаѓаат судовите, имаат активна систематизација, иако според закон не им треба согласност од МИОА“, рече Манчевски.

Поради овие проблеми, додаде тој, во моментов МИОА прави проверка на сите институции поединечно.

„Проверката ни покажа дека се соочуваме со поголем проблем од тоа што го очекувавме. Неактивни систематизации, невнесени договори за вработување, недостаток и неажурирани податоци за вработените во јавната администрација, итн. Поради овие недостатоци МИОА до Државната изборна комисија, вчера достави податоци за вработените во јавниот сектор што не се внесени во Регистарот на начин и постапка која е со закон предвидена. Податоците се добиени како резултат на вкрстување на бази на податоци од повеќе различни институции. Податоците доставени до ДИК се однесуваат на 115.729 вработени во јавниот сектор. Оваа бројка не е официјална и не ја претставува реалната слика“, истакна Манчевски.

http://makfax.com.mk