Мирот и стабилноста на Западен Балкан бара целосна вклученост на ЕУ

0
207

Европската Унија да ја вклучи политиката на проширување во сите стратешки проекти на ЕУ за иднината и да види што може да понуди во смисла на помирување и поддршка, користејќи кредибилна политика за проширување како поттик. Сите актери, од политичкиот врв до граѓанинот треба да дејствуваат во насока на остварување на сигурен демократски простор, се вели во заедничката изјава на Меѓународното европско движење од Брисел и европските движења во регионот на Западен Балкан, вклучувајќи го и Европското движење во Македонија.

Заедничката изјава е усвоена вчера во Брисел, а се однесува на актуелните политички случувања и заострена реторика во регионот. Во изјавата се повикува ЕУ за поголема инволвираност во Западен Балкан.

Меѓународното европско движење е мрежа на организации што ги мобилизира граѓаните и се залага за демократска, федерална и проширена унија од 1948 година.

Заедничката изјава ја објавуваме во целост:

Конфликтните ситуации и заострената реторика на Западниот Балкан ги загрозуваат, не само регионалните односи, туку и евроинтеграциските процеси на државите кандидатки или потенцијални кандидатки. Овие скорешни случувања ја покажаа кревкоста на демократските системи во регионот. Влијанието на трети страни кое се должи на  слабото присуството на ЕУ во регионот, како и на разгорувањето на историските тензии, ги загрозуваат мирот и стабилноста во регионот.

Перспективата за членство во Европската Унија речиси две децении поттикнуваше и поддржуваше реформи во Западен Балкан. Меѓутоа, проширувањето драматично падна подолу на листата на приоритети на ЕУ, која се соочува со бројни внатрешни и надворешни предизвици, но и со промените во геополитичкото опкружување и потребата самата таа да се преосмисли како ЕУ27.

Влошувањето на односите меѓу ЕУ и Русија, исто така, се одразија и врз динамиката на Западниот Балкан. Видлив е недостигот од еден позитивен пристап и моментум на проширување, покрај значајните достигнувања на одредени земји во процесот на пристапување.

Присутно низ цела Европа, вклучувајќи го и Западниот Балкан, Европското движење активно се залага за интегрирана и демократска Европа. Потсетуваме дека примерите од последниот бран на проширување потврдуваат дека пристапувањето имаше огромно влијание врз реформите и економскиот развој во овие држави.

Во земјите од Западен Балкан, евроинтеграциската перспектива беше клучна за кревката демократија да продолжи со реформите, со демократизацијата и воспоставувањето на владеењето на правото. Ова, исто така, значи дека земјите од Западен Балкан треба да станат членки на ЕУ – откако ќе ги исполнат критериумите за проширување, секоја за себе и според заслугите. Од суштинско значење во нивната трансформација е прифаќањето на европските вредности какви што се: мирот, демократијата, плурализмот, владеењето на правото, човековите права, кои за жал и во самата практика на ЕУ сè уште претставуваат предизвик, факт што го нарушува нејзиниот кредибилитет.

Европското движење ја споделува загриженоста поради кревката ситуација на Западен Балкан. Постои реална опасност регионот да биде вовлечен во геополитички игри на моќ  каде манипулациите со историските поделби  можат да предивикаат нови судири.

Постои сериозна одговорност на регионалните лидери да го задржат мирот и стабилноста како предуслов за демократски развој и просперитет. Тоа не се само празни зборови, а Балканот знае подобро за тоа, туку единствена алтернатива која е од корист за сите граѓани во овој дел на Европа. Регионалните средби и дијалог за спорните прашања мора да бидат почести, поконструктивни и инклузивни.

ЕУ треба да посвети целосно внимание на развојот во овој регион, да поддржи демократски и економски развој, налагајќи претпазливост и воздржаност од нејзините западнобалкански партнери. Истовремено, ЕУ треба да ја вклучи политиката на проширување во сите стратешки проекти на ЕУ за иднината, како и да ги преиспита и подобри пристапните инструменти, вклучувајќи и поддршка за градење на капацитетите на Организациите од граѓанското општество, за успешен процес за проширување базиран на погоре опишаните принципи. ЕУ би требало да се ангажира во секоја земја поединечно за да види што ЕУ може да понуди во смисла на помирување и поддршка, користејќи кредибилна политика за проширување како поттик, во рамките на можното.

Многу е значајно, сите актери, од политичкиот врв до граѓанинот, да дејстуваат во насока на остварување на сигурен демократски простор каде граѓаните ќе разговараат слободно, каде функционални институции ќе носат демократски одлуки имплементирани од страна на одговорна влада.

Меѓународно европско движење

Европско движење во Република Македонија

Европско движење на Србија

Европско движење на Црна Гора

Подготвителен Комитет на Европското движење на Албанија

Подготвителен Комитет на Европско движење на Босна и Херцеговина