Мицевски, Рисимкин и Љубојна го освоија Пекинг

0
524

После годинешното успешно издание на Шекспир фестивалот , гостувањето на фестивалот Охридско лето со две изведби и една премиера, уметничкиот директор на битолскиот театар Благој Мицевски, отпатува за Пекинг каде се одржа премиерата на балетот Сон односно R.E.M. – A Dream Sequence, во која Мицевски беше одговорен за костимографијата.

Овој балет во кој режисер и кореограф е Рисима Рисимкин, се прикажа во Чаојанг центарот, на големата сцена на Театарот Девет, како дел од завршната церемонија на Интернационалниот фестивал за современ танц.

– Претставата ја истражува „РЕМ фазата на сонот, т.е. фазата во која сонуваме и нејзината физичка страна, како дел од потсвеста и нејзиното отелотворување. Патување низ еден интимен, имагинативен свет, кој не знаеме зошто и како се движи-истакна Рисимкин.

Уште еден интересен податок е музиката, која за овој балет ја подготви „Љубојна“, кои после спектакуларниот концерт во Битола за одбележување на 15 годишното постоење на музичка сцена, исто така отпатуваа за Пекинг.

Претставата е во продукција на танцовата компанија “Девет”, која е сместена во театарот ТНТ, кој има 9 сцени и во кој годишно се изведуваат над 500 претстави, изложби и филмови и функционира како најголем културен центар во Кина.
Дел од неговата програма е танцовата компанија Најн, основана во 1996 година, која го негува современиот танц и која продуцира извонредни танцови перформанси со гости кореографи.

Соработката помеѓу Рисимкин и компанијата произлезе од гостувањето на Скопје танцовиот театар на најголемиот фестивал во Пекинг “Средба во Пекинг” во мај 2015 година, на чии изведби присуствуваа уметничкиот директор, како и танчерите на компанијата.
Во овогодинешната програма учествуваа повеќе компании, а во текот на денот на фестивалот се прикажуваа и по три претстави.

Како посебен настан беше предавањето на Едуар Лок од познатата LA LA LA HUMAN STEPS компанија од Њујорк.

Премиерата на Рисимкин предизвика големо внимание помеѓу уметничката елита на Пекинг, па така, на премиерата присуствуваа уметничките директори на Националниот балет на Кина, Националниот театар од Пекинг, Националната опера и драма денс театар, директорката на најголемата агенција за култура на Кина, како и повеќе големи продуцентски куќи.

Рисимкин, која е уметнички директор на “Скопје танцовиот театар” и на фестивалот “Танц фест Скопје”, е првиот македонски автор што работи во Пекинг.

Таа како успешен менаџер, е дел од средбите кои Американската мрежа на менаџери ги организира во Њујорк. Исто така, таа е единствениот кореограф од Македонија што работеше претстава за реномираните Ротердам танцова академија, за Словенечкото народно гледалиште во Љубљана, а работеше и како уметнички директор и кореограф во Националниот тетатар на Анталија.