Младата Палестинка што ја расплака Меркел останува во Германија

0
504

Палестинската тинејџерка која во средата ја расплака германската канцеларка Ангела Меркел ќе може да остане во Германија, пренесува британски Гардијан.

Во емисијата од модерниот школски центар во северногерманскито град Рошток, каде Меркел се сретнала со млади луѓе до 17 години за да разговараат за политиката на ЕУ кон бегалците, на канцеларката ѝ се обратила 14-годишната Палестинка Рим Сахвил и ѝ кажала дека на нејзиното семејство му се заканува депортација од Германија доколку властите не им одобрат азил.

„Навистина е тешко да се гледа како другите уживаат во животот, а вие не можете да уживате со нив“, кажала Рим на течен германски и додала дека најголемата желба ѝ е да студира на германски факултет.

„Политиката е некогаш сурова“, ѝ одговорила германската канцеларка. „Ти си исклучително мила личност, но знаеш дека во палестинските бегалски логори во Либан има илјадници и илјадници луѓе. Едноставно не можеме да им кажеме „Сите можете да дојдете“, кажала Меркел.

Рим се расплакала, а Меркел ѝ пришла, ја погалила по главата и ѝ кажала: „Но одлично го изведе тоа“, на што водителот кажал дека Рим не сакала „тоа добро да го изведе“, туку да каже дека ѝ е тежок животот.

Политичките коментатори напишале дека Меркел е бесчувствителна, дека ги потценува другите и дека не сочувствува. Други пак рипнале да ја бранат, кажувајќи дека е подобро да се биде искрен и прагматичен отколку да се даваат лажни ветувања.

Германскиот министер за интеграција Ајдан Озогуз изјавил вчера дека не е лично запознаен со ситуацијата на младата девојка, но гледа дека девојчето течно зборува германски и дека очигледно живее во Германија низа години.

„Поради тоа сакаме да го смениме законот за добро интегрираните млади луѓе да можат да добијат нова дозвола за престој во рамки со новиот интеграциски закон кој стапи на сила во август 2014“, кажал министерот, а пренесува германски Шпигл.

Портпаролот на градоначалникот на Рошток изјавил за весникот Тагесшпигл дека градските власти немаат намера да ги избркаат Рим и нејзиното семејство.