Млекопроизводителите незадоволни од цената на млекото

0
912

Кооперантите на Битолска млекара од општина Могила кои што вчера го истуриле млекото на асфалтот денеска пред општина го чекаа менаџерскиот тим да се договорат. Револтирани се од како што велат намалената цена за околу 2 до 3 денари по килограм предадено сурово млеко

– Од кога заврши месецот и кога ги добивме пресметките забележавме дека цената на млекото ни е платена за два до три денари помалку, без никакво предупредување од страна на ИМБ Битола. Во другите млекари не била намалена цената. Ни велат дека така налага Европска Унија. Ако сакаат европска цена нека ни дадат европски договори. По домашните лактофризери порано цената беше од 18 до 18,5 денари а на откупниот пункт ни плаќаа 17,5 до 18 денари. Сега на пунктот млекото ни го откупуваат по цена од 15,5 до 16 денари. Масленоста на млекото е иста како и претходно, тврдам дека нема млеко со помала масленост од 4,2. Овде во Пелагонија имаме најквалитетно млеко, изјави Борче Бучински кооперант на ИМБ Битола

-Не гледам причина цената на млекото да биде намалена, вчера побаравме средба , ни ветија за денес па ќе видиме што ќе биди, изјави Љубе Шурбевски, кооперант на ИМБ Битола

Менаџерскиот тим пристигна во општина Могила како што вчера било договорено. По долгата дискусија и расправија кооперантите од страна на директорот за контрола на квалитет од ИМБ Битола добија одговор дека ќе добијат нов предлог на ценовник кој ќе биде 100% поврзан со квалитетот на млекото

– На кооперантите ќе им биде даден нов предлог на ценовник кој е поврзан со квалитетот на млекото. Тоа значи целокупниот хемиски и микробиолошки квалитет во согласност со европската директива и со определеноста на владата на Р.Македонија, дека секој од фармерите кои што имаат намера да предаваат млеко во овластени млекарници до 2019 ќе мора да се постигне европскиот квалитет. Од таму и определбата на Битолска млекара да го плати млекото онолку колку што треба, дури и да ја плати европската цена , но само доколку млекото ги исполнува сите параметри кои што се за тоа одредени со правилникот, изјави Драган Илиевски, директор за контрола на квалитет во ИМБ Битола.

Кооперантите не добија одговор дали цената на откупеното сурово млеко ќе биде вратена на 18 до 19 денари како што било претходно

-Цената не е намалена туку е направена нивелација на целокупниот квалитет и не можам да зборувам за враќање на цената , можам да кажам дека новиот начин на плаќање на млекото ќе биде објавен наскоро и ќе биде поделен на секој фармер поединечно , тоагаш кога ние ќе го изработиме како комплетен предлог за плаќање, додаде Илиевски

Илиевски вели дека кооперантите биле уште во декември известени писмено на секој откупен центар, за настанатите промени.