Момчиња го тргнале македонското и поставиле албанско знаме во Куманово

0
798

Неколку момчиња попладнево го тргнале македонското знаме од јарболот во центарот на Куманово и поставиле албанско знаме, објави порталот Kumanovonews.

Лицата биле видени од полициски инспектори, кои успеале веднаш да фатат двајца од нив, по што биле приведени во полиција.

На Фејсбук за инцидентот се огласи и екс министерот од СДСМ, Оливер Спасовски кој рече дека го осудува настанот.

„Денеска се случи срамен чин на симнување на македонското знаме од јарболот во центарот на Куманово.Го осудувам ваквиот настан од било кого да е и за било какви интереси. Ги повикувам сите граѓани на мојот град за смиреност и да покажеме дека најважно ни е Куманово,соживотот во него и Македонија. Да живее Република Македонија!“, се вели во неговата порака.

Од СДСМ стигна и официјално соопштение со осуда за настанот.

„Сите вакви инциденти одат во прилог на насилните политики на Никола Груевски и на тесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, кои во подгревањето меѓуетнички тензии и помеѓу припадници на иста етничка група гледаат обид за спас од одговорност за направените криминали. Во таа насока се и лажните вести на медиумите под контрола на Никола Груевски, кои го користат овој изолиран инцидент за лаги и нови провокации“, велат од СДСМ.

Осуда пристигна и од ВМРО ДПМНЕ. „Бараме итно откривање и најостро санкционирање на сите сторители на овој вандалски и антидржавен чин со кој што се гази врз македонското национално достоинство“, се вели во соопштението на партијата.