Монографија за народната култура како трајна инспирација

0
574

Издавачката дејност е важен сегмент во работата на НУ Центар за култура-Битола и затоа пристапот е максимално сериозен, темелен и сеопфатен. Тоа се само дел од карактеристиките на
трудот на м-р Валентин Соклевски, автор на монографијата „Народната култура трајна
инспирација – 40 години детско творештво“, која како предвесник на
Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“, беше денес беше промовирана во Центарот за култура.
Мотивите на авторот за изработка на трудот се поврзани со Државната изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, чии корени се во далечната 1975 година па се до денес, или 40 изданија кои ги анализирал, проучувал и ставил на хартија.
Промотори на монографијата беа проф. д-р Александар Стерјовски и проф.д-р Марјан Танушевски.
– Да се работи монографија е многу тешка и макотрпна работа. Авторот треба многу да ја познава темата и да биде релевантен за таа монографија, а токму таков е м-р. Валентин Соклевски-истакна Танушевски.
Како еден од ликовните педагози кои работеа со децата е и ликовниот педагог Панде Петровски, кој рече дека монографијата е единствена публикација од ваков вид во Македонија.
– Монографијата е посветена на првиот директор на фестивалот, м-р Кирил Танчевски, чија идеја беше да се основа изложбата. Оваа монографија има голема документаристичка функција, документите сведочат и остануваат, а монографијата е токму тоа што останува.

-Секоја детска творба, која во текот на годините била дел од изложбата е посебна приказна, богатство, инспирација, уникатен дел од прекрасниот мозаик што го создадоа новите генерации творци, водени од нивните ликовни педагози, наставници и ментори кои неуморно бдеат над секој детски уметнички израз – вели авторот м-р. Валентин Соклевски.
– Посакувам уште многу изданија и уште многу генерации своите први чекори во уметноста да ги прават во рамките на Државната изложба на детски ликовни творби на тема „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, додаде Соклевски на крај.
Во рамките на фестивалот се реализираше и детската ликовна работилница, а свеченото отворање на фестивалот „Илинденски денови“ е утре на 29 -ти јули на ракометното игралиште од 20 часот.